
Во античкиот Рим, на јавни места биле изложувани тн. Acta Diurna – табли со информации за политички и правни одлуки, вести од Сенатот или општи настани. Тоа бил еден од првите обиди за „јавен билтен“.
По падот на Рим, вестите најчесто се ширеле преку патници, гласници и трговци. Во 15-ти и 16-ти век, со развојот на трговијата и дипломатијата, се појавиле пишувани билтени – познати како „ависи“ во Италија, „цајтуген“ во германските земји, или едноставно „известувања“. Тие се препишувале рачно и биле продавани на богатите трговци и на владејачките кругови. Информациите најчесто се однесувале на цени на стоки, исходи од битки и политички интриги. Но веродостојноста била проблем – извештаите често биле непроверени или контрадикторни.
Со изумот на печатот на Гутенберг во средината на 15-тиот век, информациите можеле да се умножуваат брзо и евтино. Прво се појавиле летоци и памфлети, а потоа и првите редовни изданија. Во 1605 година Јохан Каролус од Стразбур издал нешто што се смета за прв весник. Но и покрај тоа, приватните њузлетери продолжиле да постојат – тие биле поперсонализирани и насочени кон одредени групи како банкари, трговци и аристократија. Во 17 и 18 век тие почнале да се развиваат како претплатнички изданија. За разлика од весниците, кои биле наменети за пошироката јавност, тие останале специјализирани и доверливи. Големите европски банкарски семејства имале сопствени мрежи на дописници кои им испраќале детални извештаи за состојбите низ Европа. Ова ја наметнало потребата од проверка на факти, што било зачеток на новинарска етика.
Со ширењето на масовните весници и списанија во 19. и 20. век, улогата на њузлетер-ите се стеснила, но тие и понатаму биле корисни во академски и професионални кругови. По Втората светска војна се користеле во рамките на компании, здруженија и заедници на ентузијасти. Многу научни друштва, клубови и поп-културни фанзини комуницирале преку вакви изданија. Со појавата на интернетот и е-поштата во 1990-тите, тие добија нов живот. Наместо скапо печатење и поштенски трошоци, сега можеше бесплатно да се испратат до илјадници луѓе. Компаниите ги користеа за маркетинг, медиумите за дополнителна содржина, а организациите за информирање на своите членови.
Во последната деценија, њузлетери-те доживуваат вистинска ренесанса. Тие им овозможуваат на новинари, писатели и аналитичари да објавуваат независно, без посредство на редакции или медиумски корпорации. Наместо да зависат од реклами или алгоритми на социјални мрежи, авторите градат директна врска со своите читатели преку претплати. Од античките табли во Рим, преку тајните билтени на банкарите, до денешните дигитални писма во сандачињата, њузелетерот-от останува алатка за доверлива, насочена и директна комуникација. Денес, тој нуди алтернатива на брзите и површни вести – овозможува простор за анализа, контекст и градење заедница меѓу авторот и читателите.