пишува: Миљенко Јерговиќ
Пред дваесетина години, додека сè уште често патував во Сараево, во тоа златно доба на дискографската пиратерија, застанував на границата во Босански Брод и купував домашни „пржени“ дискови, со обврзни фотокопирани корици од оригиналот. Беше евтино, па земав сè и сешто, но најмногу музика која се создаваше во време на војната од другата страна на цртата на фронтот, а потоа и музика која ја слуша народот вон ХРТ. Ме интересираше звучната слика на светот од обете страни на границата, како што всушност ме интересираше и светот од обете страни на границата. Освен тоа, долго возење пред мене, а дисковите евтини.
Така го открив Саша Матиќ, слепиот пејач, кафанскиот кантавтор и клавијатурист, кој уште тогаш беше многу популарен по домовите на културата и кафаништата во Босна и Србија, како и по хрватските народњачки клубови, во кои токму во тоа време, на почетокот на новиот век, се раѓаше една паралелна култура, која нема да има врска со службената хрватска култура, ниту со елитната ниту со популарната, која нема никогаш да стигне до ХРТ и мејнстрим медиумите, но речиси илегално ќе ги превоспита генерациите, сè до еден далечен ден, во годината 2022-ра, кога во нешто послободно и духовно порелаксирано време, Саша Матиќ два пати по ред во два дена не ја наполни загрепската Арена. Го слушав тогаш, возејќи се кон Сарајево или враќајќи се назад кон Загреб, она што загрепските малограѓани и левата интелигенција од Фејсбук ете никогаш нема да го слушне. И за разлика од еден славен џез импресарио, кој во културата на градот остана запамтен како шеф на некои добри и важни клубови, чија фејсбук изјава беше дека Матиќ не знае да пее, го сфатив точно обратното. Дека пее одлично, баш како некои фолклорни прваци на блуз и балкански шансони, само што тој, за разлика од нив, е целосен културолошки аутсајдер. Освен што не е американски црнец, не е дури ни балкански Ром, кој во очите и ушите на градските господа со својата етничка егзотика би се искупил и би го оправдал сопствениот културен модел, и на тој начин однапред би ја заштитил својата песна од секој култур-расизам.
Меѓу песните кои тогаш ги преслушував има една која прв пат ќе ја слушнам таму кај Дервента. Наслов: „Кога љубовта ќе задоцни“. Еден од оние црни кафански народњаци, но во начинот на кој е напишан и испеен има нешто што човек, ако е во состојба да слуша со чиста душа, или ако е во состојба да се соживее со некој малку поинаков кутлурен код, го доживува интензивно. „Да имам право на уште една желба/на онаа која ја викаат последна/за прв пат би знаел што сакам/јас би ја сакал, би ја сакал неа“. Така почнува песната, а потоа, по уште две строфи, пристигнува поентата во продолжениот рефрен: „Би ѝ го дал своето срце/нека има срца две/само кога нејзе ѝ е добро/тогаш сум добро и јас///Но не би ѝ ги дал очите/исти тогаш би ни биле/не би видела ни таа/кога љубовта ќе задоцни“.
Кога во една ваква песна, добро напишана, но и типично љубовна исполнета со копнежи и болка на една култура која отсекогаш била склона да копнее и да страда, стиховите „но не би ѝ ги дал очите/исти тогаш би биле ние“ ги отпее човек лишен од дарбата на гледање, слеп човек со одземен вид, во публиката се случува нешто важно. Сеедно дали таа публика е во крчма, онаа балканската, или е во клуб, оној народњачкиот, или е можеби во арена, онаа загрепската, дури и оние кои не размислуваат за разликата меѓу луѓето, и немаат свест за тоа дека овој свет е создаден по мерка на нивните очи, така за слепиот да се почувствува што понемоќен, дури и тие, можеби и прв пат во животот, ќе се почувствуваат должни кон нечии негледачки очи. Но и нешто многу поважно: тоа е миг во кој тие сфаќаат дека пред себе имаат некој поголем и помоќен од себе. Саша Матиќ не им е оној „слепец“ со бел стап, тој им е пејач, од сите нивни поголем. Но благодарејќи му нему и на неговата песна, благодарејќи им на тие два стиха, со кои така лесно ќе се спрда нашата малоѓраѓанска публика, и на оној слеп човек со бел стап ќе му биде полесно, затоа што оние четириесет илјади луѓе ќе имаат повеќе почит и кон него. Или барем од оние меѓу нив кои ги знаат стиховите на песната.
Саша и Дејан Матиќ се родени како недоносени на 26 април 1978 во босанското гратче Дрвар, кој три години подоцна ќе стане Титов Дрвар. Ги сместиле во инкубатор, некој згрешил, лекарот или медицинската сестра, па близнаците ослепеле уште пред да стигнат да прогледаат. Обајцата станале пејачи, Саша многу поуспешен. Изградил свој специфичен стил и авторска посебност, создал јунак на сопствените песни, лирски субјект неспоредлив со кој било друг.
(...) Подоцна помалку го слушав. Помина модата на компакт дисковите, затворени се сите оние штандови и дуќани кај границата во Босански Брод, а и јас веќе не се возам толку често по тој пат. Саша Матиќ понекогаш го слушам во новогодишната ноќ, додека од лошата програма на ХТВ бегам на лошата програма на ТВ Србија, или за него ќе прочитам вест на српските портали, ќе здогледам плакат за негов настап по автобуските постојки во провинција. И секогаш ми е мило кога ќе го видам. За светот во којшто се случува музиката на Саша Матиќ, од кој потекнува овој пејач и во кој настапува, знам многу. Тоа е свет кој одредува резултати на избори во сите наши земји, кој почнува војни и гине во нив, свет кој тука живее, се мачи и страда, а потоа на Запад работи по градилишта, старечки домови и крајпатни хотели. Со своите песни и со настапот Саша Матиќ тие луѓе никогаш и никаде не ги направи полоши отколку што се. Тој на свој начин ги просветува и во тоа е добар, пристоен и внимателен.
Зошто тој може два пати да ја наполни загрепска Арена, а ниту еден изведувач на некоја поинаква музика, онаа која ѝ е поблиска на левичарската интелигенција и на префинетото фејсбук граѓанство, не може ниту една? Причината е во тоа што Саша Матиќ ја претставува мнозинската народска култура, додека ова другото, што и да е тоа, е малцинска и елитистичка култура. И не само тоа: оваа другата култура во последните триесетина години е толку опустошена и замрена, што дури и на нејзините поддржувачи им изгледа дека веќе и не постои. Ако се во право, ако не постои, не се за тоа виновни ни Саша Матиќ ни неговата публика. Можеби се виновни токму оние кои би биле среќни некако да ги оневозможат неговите настапи во загрепската Арена. Не е тоа борба против народњаци или фолкери туку тоа е изневерување на сопствената елитистичка, да не кажам џезерска позиција. Но не е лесно тоа да се сфати. Колку и да се гордеат со својот естетски вкус, луѓето се најчесто слепи за другите, непристојни се и невнимателни, ги немаат очите на Саша Матиќ за сиот овој свет.