Последниот англиско-старогрчки речник бил издаден во 1889, и соодветно на времето и контекстот бил полн со архаични англиски термини и смерни викторијански преводи на живописни древните зборови и изрази. И покрај ова, токму овој речник, на ХГ Лидел и Роберт Скот (Intermediate Greek-English Lexicon) е најчесто користената алатка за британските (и не само за британските) ученици и студенти.
Сега починатиот класичар Џон Кедвик дошол до идеја да го обнови овој речник уште во 1997. Најпрвин се сметало дека за ревизијата ќе бидат потребни пет години, но наскоро станало јасно дека проблемите со преводот и употребените толкувања се поголеми и дека ќе биде потребно повеќе време. Поточно, 24 години.
Она што требало да се направи е да се препрочитаат примерите од древната античка литература, од Хомер до раниот втор век, да се модернизираат значењата на старогрчките зборови, и да се создаде разбирлив прирачник за денешните студенти.
Професорот од Кембриџ, Џејмс Дигл, кој го презел проектот откако Кедвик починал, вели дека буквално плачел од радост кога неодамна ги одобрил последните корекции. Издавач е Кембриџ Јуниверзити прес, се состои од два тома и содржи 1500 страници и околу 37.000 грчки зборови, извлечени од дела на 90 автори.
Новина е и тоа дека поранешните „смерни“ толкувања се заменети со пореалистични. Така, глаголот χέζω (хезо) кој во претходното издание е преведен како „олеснување“ сега гласи „дефекација, серење“. „Бинео“ (βίνέω) веќе не е „недозволен однос“ туку „ебење“, а λαικάζω (лаиказо), кој во речникот од 19 век е преведен како „однос со промискуитетна жена“ сега е преведен како „изведување фелацио, пушење“.
И покрај историското значење на ова реиздавање, прашан дали мисли да ревидира и други речници или да се занимава со слични големи лексикографски потфати, Дигл кратко изјавил „Не, не, не“.