На 11 јануари, со петчасовна церемонија која содржеше говор на претседателот на Германија Јоаким Гаук, и концерт на кој меѓу другото се оддаде признание на двајцата музички џинови од Хамбург, Менделсон и Брамс, се отвори објектот чија градба со години ја брануваше германската јавност. Национален срам во последнава деценија, тој денес гордо се извива, како огромна лаѓа од стакло, над стар магацин од тули на хамбуршкото пристаниште, токму со таква, брановидна структура на фасадата, која изгледа како глечер. Делува самоуверено, бескомпромисно, како некој што последен (и најслатко) се смее, ама во себе.
Проектот започнал како сон на Александер Жерар, приватен инвеститор и поранешен соученик на архитектите Херцог и Де Мурон, автори на сегашниот проект. Тие најпрвин барале финансиер на нивната замисла за на истото место покрај Елба да се градат луксузни станови на 15 ката и хотел, кои се сега само дел од поголемиот објект на Филхармонијата.
Тој им нарачал нешто многу повеќе од некаква кула покрај реката, а проектот во 2003 е прифатен од градските власти со приоритет на план од национално значење, почетен буџет од 77 милиони евра и рок до 2010. Резултат по сите години градба, парламентарна истрага, судски тужби и непланирани трошоци е извештај на 800 страници во кој меѓу другото се вели: „Желбата на зграда која припаѓа на јавниот сектор да биде сметана за светско ремек-дело не значи нужно и ВЦ четки кои чинат 291,97 евра секоја“.
Но четките за ВЦ се само детал во големата шема на работите. А таа е навистина голема. Покрив од 700 тона, 1000 рачно изработени стаклени лампи, 10,000 акустични панели, секој правен индивидуално, фасада од 600 закривени панели од 48мм стакло. Спомнатите Швајцарски архитекти досега во дует имаат работено на лондонскиот музеј Тејт модерн, стадионот Алианц во Минхен и Олимпискиот стадион во Пекинг. Но најновата градба комбинира техники кои претходно или воопшто не ги применувале или барем не во толкава мерка - архаични методи на вајање и резбање со комплексни алгоритми, кои се употребени особено за одредување на посебната форма на секој од спомнатите 10,000 акустични панели. За нивна изработка тие се консултирале со познатиот акустичар Јасушиса Тојота, кој создал оптимална звучна мапа за аудиториумот.
Во интервју за Шпигел Херцог меѓу другото вели:
„Фактот што објектов е завршен е речиси неверојатен. Сме искусиле предизвици и со други проекти но овој покажува дека архитектурата е прашање на трпение. И бидејќи на крајот ни одзема толку многу од животот, има нешто тажно во тоа. Син ми е роден во 2001, кога почнавме. Сега е исто толку стар колку и проектот - 15 години“.
Целото отварање на салата (5 часа, можете да го прескокнете говорот), во 360 степени.