Текстот кој e пронајден во Националната архива во Екс-ен-Прованс, бил напишан во 1939., на самиот почеток на Втората светска војна, кога во Франција владеел страв од германска инвазија. Тогаш Ками имал само 26 години, и работел како еден од уредниците во Republicain, лево ориентиран весник кој излегувал во Алжир, и во кој всушност требало да се објави текстот. Но, француските власти одлучиле да го забранат, а Ками во знак на протест на негово место оставил белина.
Статијата е всушност манифест - заложба за слобода на изразувањето во печатот во време на војна, и реакција против Законот за цензура, кој бил воведен во Франција во август истата година. „Среде војната и ропството, слободата не само што треба да се задржи, туку треба и да се манифестира, преку јасен став, одбивање и тврдоглавост", пишува авторот, кој во тоа време бил на почетокот на неговата писателска кариера. „Луцидноста е форма на отпор", продолжува тој, повикувајќи на критичко мислење кога се во прашање медиумите, кои според него можат да бидат силни соиграчи во поттикнувањето на омраза. Под „луцидност“ тој ја подразбира и иронијата, која е суптилна алатка за пласирање на вистината: „Иронијата е неверојатно ефикасно оружје против моќните, затоа што вистината изразена со догматски тон е цензурирана девет од десет пати, додека истата вистина, кога е пласирана со хумор, само пет од десет пати." Тој ги окуражува неговите колеги, новинари, да не се плашат од закани, цензура и прогон, туку да продолжат да им служат на објективноста и на толеранцијата.
Иако по убедување пацифист, Ками сакал да ù се придружи на Француската армија на почетокот на војната, но таму не го примиле заради туберклозата од која страдал. Оттаму, занимавањето со новинарство за него бил начинот на кој тој сметал дека го исполнува својот патриотски долг. Секако, неговите совети можат, и треба да важат и во време на мир, и се актуелни дури и седумдесет и три години подоцна, кога термините како „вистина" и „објективност" во новинарското известување изгледаат исто толку загрозени колку и во времето на Ками.