На 25 мај во Белград ќе биде промовирана нова книга на Ана Хофман, истражувачка од областа на културните студии од Словенија, излезена во познатата едиција 20-ти век. „Новиот живот на партизанските песни“ ќе ја претстават Олга Димитријевиќ, Тефил Панчиќ, Мишко Шуваковиќ и Иван Чоловиќ, а ќе настапат и хорови со соодветна програма. Сосема е можно промоцијата да почне со едноминутно молчење за Бата Живоиновиќ, партизанскиот Џон Вејн. И со музиката од „Валтер".
Пренесуваме дел од предговорот за книгата, во која се анализира некогашното, но и современото значење на овие песни, кое варира во зависност од ревизионистичките процеси во новите држави, создадени по распадот на Југославија.
***
Партизанските песни долго биле стишувани како идеологизиран звук, чија општествена ангажираност ја насочувале партиските елити. По распадот на Југославија, антифашистичкото наследство стана симболичко бреме на грбот на „новите граѓани", и како такво е изопштено од референтната рамка на официјалните политики на сеќавањето во постјугословенските национални држави. Нивното револуционерно, општествено ангажирано и еманципаторско значење по 1991 е минимизирано и неутрализирано. Ревизионистичките процеси во новите држави ги изедначија поимите антифашизам, социјализам, комунизам и тоталитаризам, а партизанските песни, како „звучна пропаганда на тоталитарниот режим", мораа да бидат оддалечени од нашите ушни мембрани. Сега тие, преоблечени во ново руво, добиваат нови животи. Но дали можеби го имаме потценето историското значење на идејата на антифашизмот и нејзината виталност, актуелност и потенцијал? Нели се работи всушност за задгробен живот, и за оживување на по малку правливите митови, како резултат на фасцинациите на младите генерации „со повторното откривање на херојското минато", за кое не можат да дознаат од историските читанки?
Кога зборуваме за Србија, неодамнешната рехабилитација на Дража Михајловиќ и актуелната постапка на рехабилитација на Милан Недиќ недвосмислено покажуваат дека над антифашизмот надвиснува сè поголемата сенка на антикомунизмот. Музејските поставки во кои гледаме слики на колаборационисти и партизани едни покрај други како дел од стратегијата на „националното помирување" и ублажување на идеолошките поделби низ релативизација на колаборацијата, и црковни обреди на партизански гробишта, воведување нови празници, како на пример Ден на сеќавање на српските жртви во Втората светска војна, како и изменетите сценарија на официјалните комеморации - зборуваат за ништо помалку опасните тенденции од југословенското антифашистичко движење да се истисне борбата за општествена, класна, расна, родова и друга еднаквост и социјална правда. Она што останува е национално ослободување од окупаторот, неутрализирано и ослободено од „проблематичните" идеолошки конотации.
Затоа, за разлика од Грција, Турција или Шпанија, Австрија, Франција или Германија, каде антифашистичкиот репертоар е неизбежна музичка подлога на различни протести, пеењето на партизански песни во постсоцијалистичките општества не може да биде само работа на левичарски активизам. Ако не е интегрирана во националните нарации, оваа музика мора да остане дел од минатото со кое сме раскрстиле, Но, како што тоа го потврди инцидентот на обележувањето на 73-тата годишнина од битката на Козара во 2015, кога полицијата ја прекина песната Ој Козаро и ги легитимираше и ги приведе луѓето кои ја пееја, звукот на партизанските песни длабоко ги допира најчувствутелните општествени струни, уште е симбол на отпорот кон национализмот и фашизмот, повикува на солидарност во постјугословенските општества и охрабрува на борба за трансформација на општествените односи. Тоа е една од причините зошто оваа книга, на примерот на реактуализирањето на партизанските песни, го изложува размислувањето за политичкиот потенцијал на музиката и звукот, но истовремено проговара за предизвиците и тешкотиите во мислењето и практикувањето на општествено-музичкото ангажирање во околности на глобален неолиберален капитализам.
Повеќе за книгата тука, а за музичка илустрација - нашата „Млада партизанка" од женскиот младински хор Румени булки