„Ја напуштив лудницата со задоволство но и со жалење", напишала таа во нејзиниот текст за New York World, по десетте дена минати таму. „Задоволство што можам да уживам во слободниот здив на рајот; жалење дека не понесов со мене некои од несреќните жени кои живееа и страдаа со мене, и за кои сум убедена дека се исто толку здраворазумни колку што сум и јас сега".
Приказната била објавена под наслов „Десет дена во лудница" и е само еден од новинарските потфати на оваа храбра жена, кои се собрани во нова книга под наслов „Низ светот за 72 дена и други написи", која излезе по повод 150 години од нејзиното раѓање.
Нели Блај, чие вистинско име било Елизабет Џејн Кочрејн, растела во мал град близу Питсбург во релативно сиромашно семејство. Почнала да пишува за некој локален весник, но бргу ѝ здосадиле градинарството и модата, типични теми за кои пишувале жените-новинарки во тоа време. Не поминало долго време, а таа ги убедила нејзините уредници да ја испратат како дописник во Мексико. Тоа и се случило, и таа со само 21 година минала повеќе од шест месеци пишувајќи за животот на Мексиканците, но и за опресивниот политички режим под тогашното диктаторство на Порфирио Дијаз. Мексиканските власти ѝ се заканиле со апсење, што ја натерало да ја напушти земјата.
Но по враќањето во Питсбург веќе не ја држело место. Заминала во Њујорк и некако стигнала до канцеларијата на уредникот на New York World, кому му се понудила да замине во Европа и да пишува за искуствата на имигрантите кои доаѓаат во САД. Уредникот рекол дека тоа е преголем залак, но веројатно за да ѝ ја тестира амбицијата и одлучноста, ѝ предложил да влезе во блиската лудница на островот Блеквел, и да пишува за тоа.
„Супер“, рекла Блај, и после неколку денови глумење пред огледало, зела кревет во некаков работнички хостел. Одбивала да легне велејќи им на вработените дека се плаши од нив и генерално се однесувала хистерично. Тие набргу одлучиле дека таа е луда, и следното утро викнале полиција. Кога ја однеле на суд таа тврдела дека има амнезија. А кога ја прегледале неколку доктори, сите дошле до истиот заклучок - дека е луда.
Така, таа навистина успеала да влезе во институцијата која, во тоа време на постепена промена на ставовите кон ментално болните, била под голема критика. Тоа всушност и не била болница во вистинската смисла на зборот, бидејќи таму очигледно никој никого не лечел, туку била само начин за отстранување на проблематичните од остатокот од општеството. Таа и самата се уверила во нехуманите услови по десетте дена поминати таму, а нејзиниот текст предизвикал скандал и истрага која завршила со зголемување од 850,000 долари на буџетот наменет за ваквите институции, како и построга контрола на тоа кој и како се прима во нив.
Во 1889 таа извршила уште една авантуристичко-новинарска задача - инспирирана од фиктивното патување низ светот за 80 денови на Жил Верн, одлучила да го стори истото, натпреварувајќи се со колешка од Космополитан, Елизабет Бисланд, која тргнала низ светот во спротивна насока. Весниците организирале „типстер" - обложување за точното време во кое Блај ќе се врати дома. На нејзиното патување кое започнало на 14. ноември во 9 и 40 наутро таа поминала низ Англија, Франција (каде се сретнала со Жил Верн), Суецкиот канал, Цејлон, Сингапур, Хонг Конг, Кина и Јапонија, при што праќала извештаи преку телеграф. Патувала со пароброди, железница и бродови, и пристигнала назад на 25 јануари во 15 часот и 51 минута. Така по 72 дена, шест часа, единаесет минути и четириесет секунди таа била во Њујорк, а нејзината противничка се вратила четири и пол денови подоцна. Подоцна рекордот на Блај е рушен неколку пати, но никогаш од страна на друга жена.
По овие потфати Нели Блај се омажила за милионерот - индустријалец Роберт Симан, кој бил постар од неа 40 години. Се откажала од пишувањето и станала претседател на компанија која произведувала железни контејнери за млеко и масло. Умрела на 57 години од пневмонија.
Она што некои ѝ го замеруваат на Блај, според Џин Лут, уредничката на споменатата збирка текстови, е што во нејзините текстови секогаш се ставала во прв план и нападно ја истакнувала сопствената храброст и амбиција. Од друга страна, токму овие нејзини карактерни црти ѝ го обезедиле историското место во новинарството, и покажале дека и жените можат да се занимаваат со оваа често опасна и општествено одговорна професија.