Најголемиот неуспех на дигиталното доба е јазот помеѓу него и природатa. Mикрочипот нема срцево биење, а компјутерот не дише. Мрежата е бестелесна. Ова може да претставува егзистенцијален ризик за животот на Земјата. Планетата ја делиме со 8 милиони не-човечки видови, од кои науката има детално регистрирано само 2 милиона.
Оваа декада се смета дека ќе биде најдеструктивната за овој вид живот во историјата. Наместо тоа, таа може да биде најрегенеративна. Ова е ставот на Џ. М. Легард, кој во текст објавен во Вајрд предлага нов изум - Interspecies Money (пари кои ќе важат помеѓу видовите). Тоа според него би требало да биде дигитална валута која би овозможила неколку стотици милијарди долари да бидат во сопственост на други суштества освен човек, само врз основа на тоа што тие постојат, и се претставници на своите видови. Таа би овозможила трошење и инвестирање за подобрување на животите на овие видови. А бидејќи овие услуги подразбираат безбедност, прехрана, ветеринарна грижа, тоа индиректно ќе придонесе и за подобар живот на луѓето.
Парите е неопходно да ја преминат границата помеѓу живите суштества. Една од причините е што ако тие се некој вид меморија, како што сугерираат некои економски теоретичари, тогаш е очигледно дека не-човечките видови не се „играчи“ во пазарната економија затоа што ним не им се доделуваат никакви пари. За да се заштитат некои видови, неопходно е во одредени ситуации, на пример кога тие се во директен натпревар со луѓето, да им се обезбеди економска предност. Една орхидеја, еден баобаб, еден орангутан - сите тие треба да поседуваат пари.
Првиот услов би бил да се обезбеди дигитален идентитет на поединечно животно, или стадо, или тип (во зависност од големината, популациската динамика и карактеристиките на организмите). Ова може да се направи преку повеќе методи. На пример, дигиталниот идентитет на ретките хирола антилопи од Кенија и Сомалија, од кои има само уште 300 примероци, ќе биде составен од слики собрани од мобилни телефони, камери-стапици и дронови. Овој идентитет е „дигитален близнак“ кој во законска и практична смисла поседува пари, и ги троши врз основа на услуги кои му се потребни.
„Интервидните“ пари се Шредингерови: еден не-човечки живот ќе постои, во економска смисла, само ако е регистриран и следен. Една жирафа може да даде неколку долари на организација за конзервација за секоја поединечна опсервација на таа конкретна, идентификувана и регистрирана жирафа. Едно село може да заработи стотина долари за снимање нов орангутан во тек на одредено време (со тоа што на орангутанот ќе му се додели идентитет базиран на технологија на препознавање лица). Некој може да заработи десетина илјади долари за откривање нов вид (со употреба на ДНК баркодирање).
Најголемиот придонес на овие пари ќе бидат податоците кои со нив ќе се плаќаат. Тоа значи дека тие ќе станат механизам за финансирање на цел нов поредок на знаење. Овој вид дигитална валута е потребен сега, за да се пренасочи еволутивната крива на вештачката интелигенција кон природниот свет. Егзистенцијалниот ризик е системите на вештачка интелигенција да се развијат само во виртуелниот свет, а истовремено да го уништат јадрото на животот од кое зависат.