Ноќта е свежа во пустината Соноран, помеѓу Аризона и Мексико. Го чувствувате студеникавото ветре, а нозете ви пропаѓаат во песокта. Слушате гласови кои повикуваат на помош на шпански. Здогледувате жена која влече рането тело. Како духови, двете силуети искрснуваат одеднаш, следени од неколку други. Некои од нив носат ранци, други во рацете имаат деца.
Наскоро ветерот се засилува и се слуша громогласниот звук на хеликоптер. Завиваат сирени, а неонски светилки го осветлуваат она што изгледа како огромно ништо. Среде извиците на толпата, не успевате да се засолните. Се вртите, а во вас е вперена пушка.
Ова е еден од можните почетоци на најновиот проект на Инариту, бидејќи приказна е различна за секој гледач. Насловено како „Месо и песок“ (Carne y Arena), 70-минутното дело е виртуелно искуство базирано на реални стории на имигранти кои влегуваат од Мексико во САД. Оние кои сакаат да минат низ него треба на почетокот да ги соблечат чевлите и чорапите, да стават на главата ВР сет, слушалки и ранец. Салата во која се наоѓаат притоа е покриена со песок и камења.
„Месо и песок“ не е филм. Иако режисерот нуди рамковна нарација, луѓето кои минуваат низ неа се оние кои ја одредуваат гледната точка и насоката. Од друга страна, ова не е ни игра, туку експериментална просторна инсталација. „Ова е тотално внесување во околина која генерира голем број можности: да се биде воајер, гледач, жртва или мачител“, објаснуваат дизајнерите на проектот.
Иако голем дел од приказната се однесува на физички дејства, има и делови кои се однесуваат на соништа и потсвеста. Тие се исполнети со мексикански симболи, како којоти кои читаат поезија или дрвени маси полни храна кои се претвораат во бродови.
Проектот дефинитивно одбегнува да го романтизира статусот на бегалците. Реалистичен е, експлицитен, и поттикнува страв, но исто така и емпатија. Кога Инариту зборувал со имигрантите, и ги замолил да му ги раскажат нивните искуства, тој им ветил дека тие нема да бидат само статистика, туку дека ќе бидат видени, почувствувани и слушнати од другите. Сега го остварува ветувањето.
По првото прикажување во Кан, инсталацијата патуваше во Милано, а наскоро и во Лос Анѓелес и Мексико сити. Надежта на авторот е дека на овој начин ќе ги приближи икуствата на оние кои го ризикуваат својот живот, во потрага по подобар.