Новиот албум на Кронос Квартет, Long Time Passing, е истовремено трибјут на нивниот сакан изведувач но и потсетник на идеалите на протестните движења, на кои многумина се навраќаат во предвечерјето на претседателските избори.
Сегер има интересна биографија, во која спаѓа и фактот дека долго време бил следен од Еф-би-ај, се наоѓал на црната листа на уметници и поминал и време во затвор, сето тоа затоа што го сметале за „кум на фолк протестите“. Во 2011, на 92 години, се уште марширал на Вол стрит.
Кронос сега му оддаваат почит со жичани изведби на познатите „Ако имав чекан“, „На која страна си“ или „Каде отидоа сите цвеќиња?“, како и помалку познатите „До појас во кал“ во врска со американската војна во Виетнам, или „Ѓубре“, балада за животната средина за деца, една од првите популарни песни кои се занимавале со оваа тематика. Сегер многу патувал и собирал музички искуства - го популаризирал лимениот барабан во САД, напишал фламенко мелодија, како и химна на шпанската граѓанска војна, Jarama Valley, која се појавува на првата снимка на Сегер од 1940-тите а е испеана на англиски и каталонски.
Во албумот е вклучен и 16-минутен колаж од интервјуа и изведби на Сегер, кој на овој начин е присутен на него и со сопствен глас.
Ова не е прв пат Кронос да се занимава со американска „народна“ музика. На албумот Folk Songs од 2017 (базиран на концерт од 2014) имаше девет нумери - од кои седум традиционални песни од анонимни автори кои ги изведуваа различни пејачи во придружба на четирите гудачки инструменти.