Едно од најлошите нешта кои можеле да ви се случат во раниот 20 век е болка во стомакот. Тогаш дијареата, гасовите, грчевите, или што и да е што имало врска со дигестивниот тракт, се уште било мистерија за медицината. Денес „ме боли стомакот“ може да звучи како нешто банално, но тогаш можело да значи смрт.
Оттаму и не е необично што истражувачи како Иља Мечникоф се опседнувале со она што се случува во стомакот и како на тоа реагира имуниот систем. Прифатената теорија во доцниот 19 век била дека белите крвни зрнца придонесувааат кон инфекциите, создавајќи околина која е погодна за микробите и која им помага да се шират. Но со споредба на имуните реакции на животните со оние на човекот, Мечникоф го докажал точно обратното - дека белите крвни зрнца се на првите линии на одбраната од инфекции. Неговото откритие на фагоцитите, заштитните клетки кои, како што вели и самото име, ги „јадат“ штетните бактерии и мртви честички, му ја донело Нобеловата за физиологија или медицина во 1908. Некои извори го наведуваат како изумител и на терминот „геронтологија“, како посебно поле на истражување на стареењето и долговечноста. Во полето пак на имунологијата тој се смета за „татко на природниот имунитет“.
Една од неговите теории поврзана со продолжувањето на животот се однесува на јадењето ферментирана храна, особено на јогурт и кисело млеко. Неа ја развил во текот на патувањата низ Балканот со својата втора сопруга, Олга Белокопитова. Забележал дека селаните во Бугарија живееле многу подолго отколку богатите Европејци, па изучувајќи ја нивната култура заклучил дека тајната на нискиот морталитет била добра бактерија која се наоѓала во киселото млеко - лактобацилот. Како секој научник, сакал да си ја провери теоријата, па почнал да јаде ферментирани млечни производи систематски сркајќи попара и налевајќи се со јогурт. Иако речиси цел век неговите ставови биле отфрлани, денес пробиотската индустрија тежи милијарди, и покажува колку Мечникоф бил пред своето време.
Во своето дело „Продолжување на животот: оптимистички студии“ тврдел дека стареењето е предизвикано од токсични бактерии во желудникот. Самиот не доживеал длабока старост - починал во 1916 на 71 година. Непосредно пред тоа му дал инструкции на колега внимателно да му ги прегледа стомачните органи откако ќе умре. До последниот момент ги тестирал своите теории на себеси - можеби последниот пијалок му бил ајран или кефир.