Топло августовско утро 1880. Сандакот во кој е положено телото на Кристијан Хер е носено од осуммина силни мажи, на чело на процесија од дури 1500 луѓе, кои се упатуваат кон црквата во Милерсвил, Пенсилванија. 68-годишниот свештеник бил омилен помеѓу локалните жители, а топлата е полна со роднини, пријатели и членови на конгрегацијата. Но големата група сигурно содржи и неколку „погребни туристи“, тип на ожалостени посетители на гробишта кој бил вообичаен во 1800-тите на пенсилваниските погреби, човек кој не бил тука за да оддаде почит туку за да - јаде.
Според традицијата на германските протестанти доселени во САД, погребите морало да содржат големи закуски, а тоа дека притоа ќе јаде и некој што воопшто не го познавал починатиот не било сметано за проблем. Вечерата се состоела од говедско, шунка или кокошка; бел или пченичен леб (наместо вообичаениот тврд р’жан), a oпседнатоста со погребната храна влегла и во сленгот. Во 1907 некоја баба ги критикувала „глупавите младинци“ кои ги нарекувале погребите weissbrot-frolics или белолебни забави.
Сепак, ѕвездата на погребниот банкет била една пита, чие присуство на трпезата станала еуфемизам за самата смрт. Кога во некое семејство ќе се појавела тешка болест, почнувало да се зборува дека „наскоро ќе се јаде пита со суво грозје“. Оттаму и нејзиното име - погребна пита.
Рецептот изгледа едноставен - нешто како бисквит трошно тесто како подлога и врз него суптилно сладок прелив од суво грозје, шеќер, лимон, јајца и брашно, но толку згуснат што бојата му е речиси црна.
Пребогатата софра меѓу другото се должела на фактот што на погребите често доаѓале луѓе од далеку на кои им требало да се окрепат после долгиот пат, но и како начин заедницата да се сплоти во тагата по починатиот. Сувото грозје, исто како и белиот леб, се сметало за луксуз, не само затоа што било ретко туку и затоа што домашното производство подразбирало мачен процес на рачно отстранување на семките и на дршките. За секоја од питите бил потребен половина килограм суво грозје, што значи дека нивното правење бил „апсолутен чин на љубов“. Во куќите ваквите луксузни нешта често се чувале не само за празници туку и за вакви ситуации, па има виц за некој Пенсилванец кој кога жена му извадила шунка на масата ѝ рекол - чувај го тоа за мојот погреб.
Рецептот (не за не-дај-боже, туку за онака) тука