За да се учествува на конкурсот за добивање на куќа вредна повеќе од милион американски долари лоцирана близу Калгари во Канада е потребно да се уплати сума од 20 долари и во писмена форма да се образложат мотивите за живот во неа.
Сопственичката Ала Вагнер го напушта своето досегашно живеалиште, на кое инаку му е крајно приврзана, заради лошото здравје и неможноста да го одржува огромниот простор. Таа ја нарекува куќата „писателски и уметнички рај“, и иако за наш вкус е малку „така“ во однос на стилот, местото е убаво а воздухот сигурно чист. Од дневната се протега панорамски поглед на Карпестите планини, има и обработлива површина, и - ова е важно - вински подрум.
Конкурсот ќе биде отворен најмалку три месеци, но може и да се продолжи доколку сопственичката не ги добие потребните 60.000 пријави за да ги покрие средствата колку што чини куќата. 500-те финалисти ќе бидат одредени со јавно гласање, а потоа независно жири ќе го одреди победникот.
Ова не е прв пат некој да доделува куќа или деловен простор по пат на книжевен конкурс. Претходно пишувавме за тоа дека преку есеј беше продадена фарма со кози во Алабама, заедно со обука за правење сирење и сладолед. Додуша, често ова е само покреативен начин луѓето да се ослободат од имот кој е оптоварен со долгови и хипотека.
Апдејт: По барање на читатели, линкот до конкурсот тука