Најсаканите (и најомразените) интерпункциски знаци на познати писатели

„Да се биде догматичен во однос на интерпункцијата е исто толку будалесто колку да се догматизира која и да е друга комуникација со читателот“, напишал Хенри Џејмс. Па сепак, изборот на знаци и во прозата, а уште повеќе во поезијата, му сигнализираат нешто на читателот. На пример тоа дека авторот може да сака едни, а да мрази други.

Интерпункцијата знае да биде одличен сојузник на писателската намера, но има автори кои едноставно не се „мирисаат“ со некои од знаците, а пак други им вршат голема работа. Што ли би можел да има човек против една невина запирка? И зошто пак друг би ја обожавал? Еве неколку примери за таквиот необичен однос.

Точка-запирка ;

Ја мразел: Курт Вонегат

„Еве една лекција по креативно пишување. Прво правило: не употребувај точки-запирки...Единственото нешто што го прават е да покажат дека си одел на факултет“.

Некои истражувачи на Вонегат сметаат дека ова е кажано на шега, бидејќи следните неколку реченици во есејот (од збирката „Човек без земја“) гласат: „Јасно ми е дека некои од вас ќе имаат проблем да одлучат дали се шегувам или не. Па од сега ви кажувам дека се шегувам. На пример, придружете ѝ се на Националната гарда или на морнарицата и подучувајте демократија. Се шалам“.

И покрај тоа што неговата омраза кон точка-запирките е широко позната, можеби тој навистина не го мислел тоа толку сериозно.

Ја сакала: Урсула К. Ле Гвин

„Моите реченици течат ли течат, со сета синтакса во нив. Ернест Хемингвеј порадо би умрел отколку да има синтакса. Или точка-запирка. Користам голем број расфрлани точки-запирки; еве употребив една сега; тоа беше точка-запирка после „точки-запирки“ и уште една по „сега“. (од „Бран во умот: разговори и есеи за писателот, читателот и имагинацијата“)

Ја сакал: Абрахам Линколн

„Кај образованите интерпункцијата е работа на норма; јас пак ја користам по чувство. Но морам да кажам дека имам голема почит за точка-запирката; баш е корисно фраерче.“

Мислела дека тие се само запирки: Гертруда Штајн

Тие се помоќни понаметливи и попретенциозни од запирка но сепак се само запирки. Длабоко во нив, фундаментално, лежи природа на запирка. 

Извичник !

Го мразел: Ф. Скот Фицџералд

Избришете ги сите извичници. Тие се како да се смееш на сопствен виц.

Го сака: Џулијан Барнс

Жал ми е за извичникот. Порано пребивал во толку високо друштво, обележувајќи тешки теми на ужас и злоба. „О, проклет Јаго!“, извикува Родериго кога го прободуваат. Тој бил интерпункциски ефект кој се чувал за посебни прилики, и се користел повремено од добри писатели, кои знаеле дека вревата која тој ја прави ќе оддекне како пиштол.

Го сакал: Том Волф

Некој ги броел извичниците во мојата „Огномет од суети“, енормно присутни, илјадници. Иако ми се потсмеваат за тоа, мислам дека тие се оправдани. Двајт Мекдоналд еднаш напишал дека читајќи ме, со сите тие извичници, се чувствувал како да ги чита дневниците на кралицата Виторија. Тој беше толку еминентен на времето што се почувствував скршен. Но тогаш од љубопитство ги погледнав дневниците на кралицата. Тоа се дневници од детството. Тие се полни со извичници. И се многу почитливи отколку официјалната проза со која ги занимавала премиерите и англискиот народ во подоцнежните години. Воопшто не се лоши. 

Запирка ,

Ја мразела: Гертруда Штајн

Запирките се сервилни и немаат сопствен живот, не користат за ништо, тоа е начин на замена на сопствениот интерес со туѓ, а јас си го сакам мојот сопствен интерес во она што го правам. Запирката ти го држи палтото и ти ги обува чевлите, но не ти дозволува да си го живееш животот онолку активно колку што би требало тоа го знам многу години и се уште мислам така само што сега не им посветувам многу внимание, нивната употреба позитивно деградира.

Ја сакала, ама на точното место: Тони Морисон

(Коментирајќи на тоа што нејзиниот уредник, Боб Готлиб, постојано вметнувал запирки во нејзините реченици а таа ги бришела)

Читаме на истиот начин. Мислиме на истиот начин. Но тој е прекумерно агресивен кога се во прашање запирките. Не разбира дека тие служат за паузи и за дишење. Мисли дека се граматички нешта. На крај се разбираме, но се уште има караници. 

Извор

1 август 2022 - 15:50