Кога е во прашање „филибастeрингот“ - блокирањето на некаков закон или одлука во Собранието - локално можеме да се пофалиме со рекордни 40 дена блокада на носењето на Законот за бранителите во 2012, кога Талат Џафери, заедно со пратениците на ДУИ, читаше поезија или просто молчеше на говорница.
Американскиот рекорд е пократок во денови, но многу поинтензивен, а бил инспирација за сцена во филмот „Господин Смит оди во Вашингтон“ од 1939. Таму младиот идеалист, сенаторот Џеферсон Смит (го игра Џими Стујард) зборува цели 23 часа пред Сенатот со надеж дека ќе оцрни корумпиран постар сенатор.
Филибастер со слично траење навистина се случил во 1957 во Сенатот, но мотивацијата за него била сосема спротивна од амбициите на Стујард. Во обид да се забошоти клучно прашање поврзано со граѓанските права, сенаторот Стром Турмонд поминал 24 часа зборувајќи, расправајќи се и правејќи планови да уринира во кофа.
Денес ваквата опструкција во американскиот Сенат може да се направи дури и по мејл, но во таа 1957 било потребно говорителот да биде физички присутен во Сенатот, точно онака како што демократот од Јужна Каролина, Турмонд, го држел вниманието на колегите. Тој очигледно имал голема мотивација - бил остро против расната интеграција и често говорел против законските обиди да се воспостават федерални закони за граѓански права. Во 1956, тој и уште 18 други јужњачки сенатори го потпишале Јужњачкиот манифест, кој се противел на десегрегацијата на училиштата.
Оттаму, неговата „претстава“ не била неочекувана. Тој физички се подготвил - го дехидрирал телото со потење во сауна за да може да внесува течности без да мора да оди во клозет. А доколку тоа му се случело, планот бил да стави една нога во придружна просторија и да уринира во кофа која би ја држел сирот асистент додека другата нога се уште би му била во салата на Сенатот.
Што е она што го зборувал за сето тоа време? Па, ништо посебно. Протестирајќи против правото на глас, на пример, тој велел дека државите веќе имаат добри закони во оваа област и потоа ги читал еден по еден, сите тие сувопарни одредби за секоја од нив. Кога тоа му се потрошило, почнал да чита текстови од весници, па дури и Декларацијата за независност. За да си го одмори гласот, однапред имал договорено негови истомисленици-сенатори да поставуваат долги прашања.
На крај неговиот филибастер траел 24 часа и 18 минути, со тоа што завршната реченица му била: „Очекувам дека ќе гласате против законот“, што поттикнало смеа кај присутните. Затоа што и покрај неговиот маратонски влог, законот поминал.
Турмонд се повлекол од политиката кратко време пред својата смрт, на возраст од 100 години, во 2003. Во тој момент бил сенаторот со најдолга кариера во американската историја. Никаде во својот 24-часовен говор немал спомнато дека на возраст од 22 години добил дете од 16-годишната црна слугинка. Неговата ќерка го држела ова во тајност до неговата смрт.