Насловено како „Опус клавичембалистикум", делото на Сорабџи било завршено пет месеци претходно, што авторот го обзнанил со писмо до неговиот пријател и колега-композитор Ерик Чисхолм:
„Со глава што експлодира и со тело кое буквално се тресе додека се обидувам да го напишам ова, ти соопштувам дека попладнево го завршив делото. Последните четири страници се најкатаклизмични и најкатастрофични од сè што досега имам направено - хармонијата гриза како азотна киселина, а контрапунктот врти како Божја воденица за сè да заврши со огромен 10-нотен акорд. Ме уништи!"
И ова не било претерано. Во тоа време Опус клавичембалистикум било најдолгото и најтешкото парче соло музика кое било некогаш напишано, а останува конкурент за ваквата титула и речиси еден век подоцна. Неговите 252 страници се поделени на три секции, составени од вкупно 12 ставови - понекогаш напишани со четири-пет истовремени нотни линии - кои вклучуваат фуги, огромна пијано фантазија, тема со 49 варијации и финале кое го заокружува делото 4,5 часа откако тоа започнало.
После сета оваа работа околу неговото пишување, останал уште само еден „детал" - делото да се изведе. Настапот на Сорабџи во Глазгов бил организиран од локално уметничко друштво наречено Активно здружение за пропагирање на современа музика. Негов претседател бил токму Чисхолм, кому му требало многу тактичко маневрирање за да го убеди Сорабџи да настапи пред публика.
Кога на крајот ова се случило, целиот настап веднаш влегол во легендите. Една од верзиите е дека авторот-изведувач помеѓу првиот и вториот дел едноставно станал и ја напуштил сцената. Претпоставувајќи дека ќе има пауза, и публиката почнала да излегува, но веднаш била вратена назад од Сорабџи, кој всушност само станал да мавне едно виски зад сцената. Потоа не сопрел до крајот, кога целиот тресејќи се и цедејќи се од пот станал да се поклони, но веднаш потоа се онесвестил. Публиката била воодушевена, а весниците следниот ден изведбата ја нарекле „неверојатна".
Следната година нотите за Опусот биле објавени, па и други пијанисти почнале да го изведуваат, иако некои од нив само во делови. Пијанистот Џон Тобин, на пример, го извел само првиот дел во Лондон, но со многу побавно темпо од она на Сорабџи, што значело и подолго траење на првата третина. Критиките биле осредни, а авторот забранил понатамошно изведување на делото до 1976, кога дозволил дел од неговите дела да бидат снимени. Починал во 1988 на 96 години.
Во 1970 Гинисовата книга на рекорди официјално го признала делото за најдолго напишано за соло пијано. Оние со афинитет за книжевни споредби го нарекуваат „музички Финеганс Вејк", создадено многу пред своето време.