Покрај сите лоши, најдоброто нешто што го направи пандемијата е што ни овозможи, барем на почетокот, доволно слободно време за истражување на нови форми на раскажување и „читање“, преку слушање. Подкастот како новинарска и авторска форма е стара скоро 20 години, но дури сега станавме свесни за тоа колкав креативен потенцијал има за оние кои го прават, и колку е благороден како формат за нурнување во тематски истражувања или просто слушање на гласови и приказни на други луѓе. Минатата 2020 ова беше конечно верификувано и на глобална голема врата, со тоа што епизода на еден од најстарите подкасти, This American Life, го доби првиот Пулицер за аудио новинарство (за што подетално пишувавме тука).
Етимолошки, „подкаст“ или „поткаст“, како што е веројатно поправилно да се транскрибира на македонски, е комбинација на два збора, ајпод и бродкаст (поради што нам некако ни е подраго ’д’-то), затоа што прв пат како таков е искористен од аудиоблогерска заедница која правела и слушала подкасти со помош на софтверската поддршка на Епл. Денес има куп апликации преку кои можете да се „претплатите“, односно бесплатно (ретко за пари) да заследувате и да слушате подкасти, а меѓу најпопуларните, достапни кај нас, освен Епл подкастс, се Спотифај, Дизер, Гугл подкастс и други. Пребарувањето преку категории ви овозможува да си изберете такви од областите кои ве интересираат, но како и за книги и филмови, и тука најдобро функционираат препораки од луѓе со кои делите заеднички вкусови. Проблемот е кога околу вас баш и нема такви, па освен редовното следење на пар подкасти кај кои ретко има утка, проширувањето на листата обично вклучува часови и часови „чешлање“ разни листи, читање синопсиси и пуштање рендом подкасти за некој да „убоде“.
Тоа „убодување“ се манифестира на необични начини и места. Одите по улица слушајќи епизода за телефонската кабина во Јапонија, каде луѓе кои загубиле блиски доаѓаат за да зборуваат со мртвите. Внесувајќи се во нивните растреперени обраќања без одговор од другата страна, солзите сами капат, мешајќи се со ноемврискиот дожд.
Полевајќи го дворот за момент застанувате додека цревото ви прави баричка околу нозете, погодени од приказната за човекот кој има само три минути да настапи на поетско читање, но д’тка.
Се занесувате дека би можеле да направите нешто слично додека во дури шест продолженија слушате за телефонската линија која ја воспоставил „г-дин Извинување“ за луѓе кои сакаат да се извинат и за големи престапи, но и за ситни нешта кои ги јадат од внатре, а за кои никогаш не нашле храброст да побараат прошка.
Се чудите како било можно една преведувачка грешка да е наводно виновна за бомбардирањето на Хирошима.
Навидум банална приказна за една тататата-татата музика за чекање на телефон ви ги отвора очите за тоа колку луѓето можат да бидат упорно и трогателно љубопитни.
Историски се образувате преку подкастот посветен на експедицијата Балмис, која на ингениозен начин ја пренела вакцината за големи сипаници во Новиот свет.
Баш кај гужвата пред Силбо се загрцнувате од смеа од приказните на обични луѓе и професионални комичари снимени пред публика, која исто така заразно се смее на описот на нивните симпатично дисфункционални семејства, катастрофални први љубовни средби или родителски инциденти кои вклучуваат заборавање на сопственото бебе на паркинг на трговски центар.
Најпопуларните и најпрофесионалните подкасти имаат огромен список соработници, кој често не го ни дослушувате до крај по завршувањето на епизодата. Но подкаст може да направи буквално секој со минимум техничко знаење и многу волја. Секако, помага и ако другар ти од основно во меѓувреме станал тон инженер и не му е мака да работи без пари. Или ако се најдат пријатели кои се профи за транскрипција. Нашиот, „Обични луѓе“, и оваа година ни помогна да останеме на ментални нозе и околу себе да собереме луѓе и приказни кои ни кажуваат нешто за животот и неговите калеидоскопски нијанси. Се поврзавме со луѓе кои воопшто не ги познававме или со кои се немавме слушнато со децении. Научивме нешто за подзаборавени а заслужни поединци од македонското минато. Откривме американски фотограф кој пред половина век направил прекрасни фотографии од Македонија, за кои до сега никој не знаеше. Ги истраживме „нишите“ на играчите на друштвени игри, набљудувачите на птици, н’рдовите, доставувачите. Уште нè нервира што луѓе ги читаат транскриптите, но не ги слушаат епизодите, а баш се трудиме сето тоа да звучи пристојно, седејќи пред отворен шифоњер во спална за подобра акустика.
Ако не сте ги слушнале, епизодите се тука, дваесет на број. Како и сите подкасти, и овој најдобро се слуша во осама и на слушалки, ама може и на точак, покрај шпорет, додека трчате или возите. Moжеби и вие за момент ќе застанете во тоа што го правите, нурнувајќи се во приказните.