Дик е човек кој ја поминал целата своја кариера во IBM. Во 1950-тите работењето во оваа компанија било како да работиш за НАСА. Проблемите со кои тој се занимавал биле сложени, а нивното решавање подразбирало многу размислување и око за детали. Исто така подразбирало и прецизно собирање податоци, нешто што на Дик му останало навика, која не е секогаш пријатна за оние околу него.
Белешки фаќал дури и при првата средба со својата идна снаа, репортерка на подкастот This American Life. Не дека ја испрашувал или малтретирал, просто човекот си е таков, сака работите да му се запишани и јасни. Но, како што знаеме, тие не можат секогаш да бидат такви. Кога не се, тој е решен да оди до крај за да ги разјасни.
Кога пред неколку години се јавил во болницата Стемфорд за да закаже некаков преглед, централата му пуштила музика која ќе почне да го опседнува. Мелодијата многу му се допаднала - ѕвончиња и синтисајзер и повторувачки звук на нешто што звучи како ракоплескање. Музиката повторно ја слушнал кога се јавил во сметководство на друга медицинска институција, и повторно кога зборувал со својот кардиолог. Имал и кила, а потоа и камен во бубрег. При секое јавување за некои од овие проблеми, истата па истата песна која е тешко да се опише - татата-татата....татата-татата....
Дик почнал да ја пребарува. Иако во тој момент имал 81 година, научил што се Шазам и СаундХаунд, ја барал и на Јутјуб - ништо. Очигледно му била потребна човечка помош, а необично голем број луѓе се заинтересирале за случајот. Оние кои се опседнуваат со вакви банални нешта, и се подготвени да вложат време и енергија за да ги разоткријат, се препознаваат меѓусебно како членови на некаква тајна секта. Најнесолидарно било неговото сопствено семејство, кое му викало да батали.
Џек-пот се покажало неговото пријателство со службеничка на шалтер за компјутерска томографија, која по цел ден морала да ја слуша истата музика на локал, кога чекала да се јави некој од нејзините колеги. Од компјутерџиите од болницата таа дознала само дека станува збор за музика на фирмата Циско, која доаѓа заедно со купената централа.
Дик отишол во локалната библиотека. Вработената пребарала онлајн и нашла аудио снимка на нешто едноставно насловено „Еден час Циско музика“. Еве ја:
Звучи познато нели? Од линијата за дефекти во Водовод, за обжалување сметка кај ЕВН или за такси?
Коментарите под видеото е „Најдобра музика за чекање на сите времиња. „Создава пријатна зависност“. „Мислев дека сум единствен на кој му се допаѓа ова“. Библиотекарката му го нашла и насловот на песната: „Опус број 1“. Нејзиниот композитор - Тим Карлтон. Тим имал 16 години кога ја напишал мелодијата. Била снимена на касета од еден од неговите гимназиски другари. Тој бил компјутерски „нерд“, експериментирал со ритам машини и синтисајзери во гаражата на родителите во Калифорнија.
Денес таа петминутна мелодија е на 65 милиони Циско телефонски централи во светот како вградена „холд“ музика. Тим имал околу 20 години кога другар му ја понудил песната на компанијата кадешто работел на дизајн на телефонски системи. Млади и наивни, тие ја дале мелодијата на ЦИСКО, но не заработиле ни пени.
Тим веќе не е музичар туку компјутерџија. И нему му се случува да си ја слушне сопствената музика кога чека на телефон. Тогаш се чувствува како да се гледа себеси во осумдесетите. Другар му продолжил да се занимава со музика и креира нови рингтони за телефони. Што според Тим е подобро, затоа што рингтонот го бираш, а музиката за чекање некој ти ја наметнува. Тој не може да сфати дека конкретната мелодија некому би можела да биде омилена но ете, мило му е што е тоа така.