Алан Извинување Бриџ бил амбициозен сликар, со неколку галериски изложби, кога се преселил од Вашингтон во Њујорк во 1977. Бидејќи било тешко да се издржува само од уметност, се занимавал со дрводелство. Но секогаш кога имал можност и си поткраднувал по продавници. Но во еден момент почнал да се чувствува виновно. Помислил на сите оние кои, како него, немаат кому да му се отворат за да им олесни, без оглед дали станува збор за мали грешки или за сериозни престапи.
Во 1980 направил флаери и најпрвин им ги поделил на комшиите, охрабрувајќи ги да свртат телефон кој бил поврзан со неговата машина за снимање пораки. Инструкциите биле едноставни - да не се идентификуваат, и да се јават од говорница за да бидат сигурни дека никој нема да ги најде. Јасно било означено и тоа дека сето ова нема врска со полиција, влада или со верски организации.
Телефонот веднаш почнал да ѕвони. Исповеди за насилство, неверства, кражби. Малтретирања и претепувања на геј мажи. Но и такви снимки кои подоцна излегло дека се на луѓе виновни за неразјаснети убиства. Самиот Алан не сакал да го прегази ветувањето кон оние кои се јавувале, но при едно негово радио интервју се јавил во полиција за да им каже дека ќе пушта некои од снимките, кои можеби ќе им значат во истрагите.
После првичните флаери следело лепење на постери низ градот. До 1983 луѓето можеле да се јават на телефон не само за да кажат што имаат на душа, туку и за да ги слушаат снимените искази на другите. Чест јавувач ја опишал „Линијата за извинување“ како „прото-интернет, со заедница составена од луѓе кои никогаш се немаат сретнато“. Меѓу највпечатливите извинувања било она од извесен Johnny the Dick of Death, кој пренесувал сида на партнери од двата пола.
Имало повици и од педофили, маж кој тврдел дека ја убил мајка си, но и таков кој му се заканувал на Алан дека ќе го убие. Мариса Бриџ, сопругата на Алан, која го води најновиот подкаст посветен на овој необичен човек, вели дека имало периоди кога ги фаќало страв од она што го започнале и од можните последици. Но имало и трогателни моменти, а понекогаш се случувало и да ја кренат слушалката и да разговараат со луѓето, особено доколку тие имале самоубиствени намери.
Наскоро се отвориле екстензии („притиснете 1 за кривични дела, 2 за неверства“), а бил издаван и фанзин. Во 1986 ХБО направил филм, „Извинување“ со лик базиран на Алан, и тоа е единствениот пат кога тој заработил нешто од жешката линија, која ја сметал за свој уметнички проект. Но целата работа му влијаела на здравјето, не можел да спие и минимално работел за да може да ги плати сметките. Исто така бил мошне фрустриран доколку луѓето што се јавувале не покажувале никакво каење, туку напротив, како да се фалеле.
Во 1995, на 50 години, Алан заминал на илегално нуркање на Лонг Ајленд. Кога се појавил над водата го удрил глисер. Починал од последиците од ударот, и иако инцидентот предизвикал големо медиумско внимание, возачот на глисерот не бил пронајден.
„Алан ќе сакаше тој да се извини“, вели Мариса денес. „Затоа што извинувањето е издувен вентил за болката“.
Подкастот во шест продолженија може да се слушне тука