13 репрезентации за глобален мир: како почнало светското фудбалско првенство во 1930?

Мал број спортски настани успеале да го надминат значењето на играта како Светското првенство во фудбал. Од скромен турнир со 13 репрезентации во 1930 година до глобален настан што денес го следат милијарди луѓе, купот прерасна во повеќе од спортско натпреварување – тој стана огледало на политички, економски и општествени промени. Тоа не е само историја на фудбалот, туку и приказна за светот што се менува(л) заедно со него.

Светското првенство во фудбал денес претставува најголемиот спортски спектакл на планетата - настан што обединува милијарди гледачи, создава национални херои и предизвикува емоции што ги надминуваат границите на спортот. Но, приказната за Светскиот куп започнала многу поскромно, на еден брод што во 1930 година пловел од Џенова кон Монтевидео.

На палубата на бродот Конте Верде имало фудбалери од Франција, Белгија и Романија, како и судии и функционери. Патувањето траело речиси две недели, а во текот на тие денови играчите тренирале меѓу палубите, разговарале, танцувале и постепено сфаќале дека се дел од нешто сосема ново – првото Светско првенство во фудбал.

Во центарот на оваа идеја стоел Жил Риме, човек кој не бил голем фудбалер, туку визионер. Французин, правник и страстен верник, Риме верувал дека спортот може да создаде подобро општество. Неговото искуство од Првата светска војна дополнително го зацврстило неговото уверување дека народите треба да се натпреваруваат на терен, а не на бојното поле. Неговата голема амбиција била создавање светски турнир во кој ќе учествуваат професионални играчи, за разлика од олимписките натпревари што биле ограничени на аматери.

Првиот домаќин станал Уругвај – тогашна фудбалска сила и држава подготвена финансиски да го поддржи турнирот. Патувањето преку океан било толку скапо и долго што многу европски земји одлучиле да не дојдат. И покрај организациските проблеми, недовршените стадиони и импровизациите, турнирот бил успех.

Финалето помеѓу Уругвај и Аргентина во 1930 година покажало дека фудбалот може истовремено да обединува и да разделува. Уругвај победил со 4:2, но по натпреварот следеле дипломатски тензии, протести и напади врз уругвајски цели во Аргентина. Уште тогаш станало јасно дека Светскиот куп никогаш нема да биде само спорт.

Тоа уште поочигледно се видело четири години подоцна. Во 1934 година домаќин станала фашистичка Италија на Бенито Мусолини. Светското првенство прераснало во внимателно режирана политичка претстава: евтини возови за навивачи, масовни радио-преноси, пропагандни сувенири и стадиони што ја славеле моќта на режимот. Италија ја освоила титулата, а турнирот покажал колку лесно спортот може да стане средство за политичка пропаганда.

Следното првенство во 1938 година, одржано во Франција, се играло во сенката на растечкиот фашизам и приближувањето на нова војна. Италијанците повторно победиле, а веќе следната година избувнала Втората светска војна. Светскиот куп бил прекинат цели дванаесет години.

Во 1950 година, во поинаков свет што се обидувал да закрепне од војната, турнирот повторно оживеал во Бразил. Новата ера на Светскиот куп донела нова улога: фудбалот станал безбедно место за изразување национален идентитет и гордост. Во следните децении, првенството растело заедно со телевизијата, масовните медиуми и глобализацијата. Како што се ширела деколонизацијата, се зголемувал и бројот на учесници од Африка, Азија и Латинска Америка. Светскиот куп постепено се претворил во глобален фестивал каде што и помалите држави можеле да создадат историски моменти, дури и кога немале реални шанси за титула.

Истовремено, турнирот станувал сè поголем бизнис. Домаќинствата носеле престиж, но и политички пораки. Светските првенства во различни периоди служеле за национален маркетинг, за меѓународна промоција, па дури и за прикривање политички проблеми. Прашањата кој организира, кој учествува и кој е исклучен останале подеднакво важни како и резултатите на теренот.

Денес Светскиот куп е сложен феномен: спортски спектакл, политичка арена, економски гигант и културен настан. Тој продолжува да ја носи идејата на Жил Риме – дека фудбалот може да ги зближи луѓето – но истовремено покажува дека спортот никогаш не постои надвор од политиката и општеството.

Извор: Ен-пи-ар подкаст Тhroughline (52 мин.)

8 јуни 2026 - 08:38