Во 1673 Александар Маврокордато бил избран за Голем драгоман (преведувач и советник) на Отоманската империја. Тој не бил прв со ваква позиција, но бил најмоќниот, создавајќи династија и бренд од својата професија - главен толкувач и за царот и негов заменик министер за надворешни работи. Деталите на дипломатските преговори го правеле неофицијален „чувар на тајни“ на Големата порта. Во 1709 на местото главен драгоман го наследил неговиот син, Николас Маврокордато.
Ана Аслајан, новинарка и авторка нова книга „Одење по јаже: преводите и рамнотежата на историјата“ ја раскажува често забавната приказна на преведувањето и погрешното толкување. Таа самата е професионален преведувач, која работи во стресни ситуации (војни, судски случаи) па оттаму нуди и поглед одвнатре на некој кој не е дистанциран набљудувач туку активен учесник.
Насловот е преземен од кукање на Џон Драјден во воведот на неговиот превод на Овидие на англиски. „Преведувачот е обременет со толку многу тешкотии одеднаш, што целата негова работа изгледа како одење по јаже со тетерави нозе“.
Книгата содржи грешки, претерувања, прескокнувања во преведувањето кои довеле, или можеле да доведат, до огромни последици. Истовремено се разгледува и етичката позиција на преведувачите, особено кога преведуваат говори и изјави на диктатори. На конференцијата на „големите Тројца“ од 1943 во Техеран преведувачите имале полни раце работа. Сталин бил најлесен за превод бидејќи зборувал во кратки реченици и правел паузи за преведувачот. Черчил и Рузвелт го заборавале тоа. На последниот банкет била предложена здравица за преведувачите, како оддавање почит на нивната работа. Черчил наводно рекол: „Преведувачи на светот обединете се, немате ништо да загубите освен своите слушатели“.
На судењата во Нинберг преведувањата биле често прекинувани од Геринг и Алберт Шпер кои добро зборувале англиски и сакале секоја нијанса на нивните искази да биде добро пренесена. Четири дена пред сослушувањата пристигнала и нова опрема која до тогаш била непозната за преведувачите, па некои бргу се снашле со шепотење во увото на слушателите, но други прилично гласно го правеле тоа, навикнати да викаат за да бидат слушнати.
Силвио Берлускони го имал најинтересниот симултан преведувач од помодерно време. Иван Мелкумјан бил Ерменец од Баку кој дошол во Италија да стане оперски пејач, но завршил како преведувач за државното радио. Еден ден министерот за надворешни на Италија го замолил да ускокне како преведувач од руски. Така, тој станал познат како ултимативен импровизатор-преведувач, бидејќи знаел да адаптира вицеви од оригиналот и да го прилагодува на културниот контекст на оној јазик на којшто преведува. Берлускони и Путин многу го сакале поради тоа.
И поствоените христијански мисионери морале да ги прилагодуваат метафорите од Светото писмо кога патувале во земји со топла клима. Тогаш, наместо „бело како снег“ тие употребувале „бело како чапјини пердуви“ или „бело како печурки“.
Книгата изобилува со различни примери за трагични но и смешни недоразбирања кои произлегуваат од преводот и природата на јазиците. Антологиски пример за првото е одговорот на Кантаро Сузуки, премиерот на Јапонија, на ултиматумот на сојузниците во јули 1945, само неколку денови пред Хирошима, кој на Хари Труман му бил пренесен како „тивок презир“ (mokusatsu), а всушност значел „Без коментар“. За многумина, пак, останува и мистериозно која е „мајката на Кузма“ (или по наше мајка Јана), руски израз кој претставува закана, во смисла на „Ќе си ја видиш ти мајката на Кузма“. Таа влегла во историјата на надворешните односи на СССР со Никита Хрушчов кој со неа тотално ги збунувал и странските, но и домашните преведувачи. Во текот на дискусија за комунизмот наспроти капитализмот, Хрушчов се пофалил дека Советите „ќе ги претекнат“ САД и „ќе им ја покажат Кузмината мајка“. Преведувачот бил шокиран и превел како навистина да се работи личност која е мајка на извесен Кузма.
Претходно: Сочувство за преведувачот-предавник
Подкаст епизода на „Обични луѓе“: Верна и добра - душата на преведувачот