„Сочувство за предавникот: преведувачки манифест“ на Марк Полизоти е токму она што го најавува насловот - луцидна книга на тема за која ретко се пишува, за занает кого многумина го земаат здраво за готово, и за професионалци кои се главно невидливи за јавноста. „Предавникот“ е преведувачот согласно познатата италијанска изрека traduttore-traditore, а aсоцијацијата со „Сочувство за ѓаволот“ на Стоунси е сигурно намерна.
Во неа тој покрива повеќе од две илјади години обиди за превод, релативно мали и симпатични грешки, но и големи недоразбирања, кои резултирале со долгорочно погрешно преведување на зборови или изрази кои како такви влегле во историјата и ѝ дале сосема поинаква насока. На пример одговорот на Кантаро Сузуки, премиерот на Јапонија, на ултиматумот на сојузниците во јули 1945, само неколку денови пред Хирошима, на Хари Труман му бил пренесен како „тивок презир“ (mokusatsu), а всушност значел „Без коментар. Ни треба уште време“. Време кое не им било дадено.
Со Светото писмо, најпреведуваната книга на сите времиња, се врзани и најдолгите дискусии за превод на зборови и концепти. Тука спаѓа и онаа за тоа дали „забранетото овошје“ во неа е токму јаболко или некој друг плод. Како што пишувавме тука, најверојатната причина за појава на јаболко во латинскиот превод на Библијата од страна на свети Јероним лежи во исклучителната дарба на овој преведувач, кој во malus - латински за јаболкница го препознал malus - латинското за зло. Eдинствената разлика е во пишувањето, првото се пишува со долго а, mālus, а второто со кратко, без надреден знак. Тој практично си поиграл со зборовите, затоа што ваквата хомонимност ептен му легнала.
Различните преводи, особено на светите книги, можат да бидат и основа за обвинувања за ерес - така животите ги загубиле Вилијем Тиндел, преведувач од 16 век, заради популистички превод на Новиот завет, а кратко време потоа и францускиот печатар и научник Етијен Долет, кој бил и обесен, и изгорен на клада (што е сигурно, сигурно е) за превод на Платон кој бил прогласен за богохулен.
Посвежи податоци, од 2011, покажуваат дека преведувачите во Ирак имаат десет пати повеќе шанса да бидат убиени во борба отколку самите војници. А еден од најозлогласените случаи на убиства поврзани со превод е она од 1991, кога од убоди со нож настрада Хитоши Игараши, јапонскиот преведувач на „Сатански стихови“ на Ружди, а пак неговиот италијански колега, Еторе Каприоло, едвај извади жива глава.
Предизвик на современиот свет, вели Полизоти, меѓу другото е брзината и фрекфенцијата на она што би требало да се преведе, а за што се нема доволно време и концентрација. Па така, недоразбирањата околу некој твит на Трамп, на пример, кој може да има сериозни последици за меѓународните односи, е потенцијално минско поле, кое може во воздух да го крене целиот свет.