Списанието Литерари Ривју соопшти дека нема да ја додели наградата „Лош секс во фикција“ за 2020, нешто на кое традиционално му се радувавме на крајот на годината.
Признанието е воспоставено во 1993 од страна на Оберон Вог, британски новинар и романописец, кој почина во 2001. Неговата цел била да спречи авторите да вклучуваат непотребни или невешто напишани сексуални сцени во инаку добри книжевни дела. Минатата година таа беше поделена помеѓу двајца автори, Дидие Декоин за „Канцеларијата од градини и езерца“ во која има реченица која гласи: „Мијуки почувствува како да ракува со мало мајмунче кое ги стега своите шепи“. И Џон Харви за „Пакс“, каде ликовите „се гушкаат како со насилното меѓусебно држење да можат да се заварат еден за друг“.
Жирито за овогодинешната награда одлучило да ја прескокне затоа што сметале дека јавноста оваа година била изложена на премногу лоши нешта. Уште кога би морале да читаат за лош секс, тоа би било едноставно неподносливо. Секако, следната година тоа очекува наплив на сексуално набиени романи, со оглед и на изолацијата, но и на можноста токму во овој период, во домашен мир и тишина, да се вежбаат нови сексуални практики. Истовремено, тие ги потсетуваат авторите дека сајберсексот и другите форми на домашна забава спаѓаат во доменот на наградата. Истото важи и за сцени во природа, и со помалку од шест присутни лица (маски не се спомнуваат).