Линијата број 7, која вози од Квинс до Тајмс сквер на Менхетен е терен од соништата за лингвистичките антрополози. Не само што по населбите низ кои минува метрото се зборуваат куп различни јазици - корејски, кинески, шпански, бенгалски, гуџарати, непалски - туку и заради тоа што голем број улични знаци и фирми се напишани на овие јазици, дури и такви на мултинационални банки или хотелски синџири. Во самото метро информациите и знаците за предупредување се на дури седум јазици.
Но Њујорк не е само место каде живеат голем број јазици - тука тие доаѓаат и да умрат. Метрополата е финална дестинација за последните говорители на некои од најзагрозените јазици. Доселениците го конзервираат сопствениот дијалект, кој како во случајот со македонската дијаспора содржи голем број архаични изрази кои матичното население веќе не ги користи, но генерациите родени во новата земја сè помалку ги користат за на крај тој говор, дијалект или јазик сосема да исчезне.
Според податоци на Пописното биро на САД во оваа земја бројот на луѓе кои зборуваат некој друг јазик како мајчин, а не англиски, во последниве триесет години се искачил за 140%, со најмалку 303 јазици регистрирани во оваа категорија.
Во една зграда во Џексон Хајтс во Њујорк имињата на жителите на поштенските сандачиња се напишани на најмалку 40 јазици. Меѓу нив голем број се од едно непалско село, неколку километри од границата со Тибет, кои иако научиле англиски, како и кинески и шпански заради работата по њујоршките ресторани, сепак се обидуваат да ја задржат атмосферата на местото од кадешто се дојдени, дружејќи се на семејни свечености и зборувајќи го нивниот сега веќе загрозен дијалект.
Среќавајќи се секојдневно со вакви примери, двајца лингвисти и еден поет - Даниел Кауфман, Џулиет Блевинс и Боб Холман, ја формирале Алијансата за загрозени јазици, урбана иницијатива за истражување и конзервација на лингвистичката разновидност во градот кој привлекува огромен број имигранти од целиот свет, и кои се понекогаш последните кои зборуваат одреден јазик, кој во нивната татковина од различни причини веќе не се користи. Еден од таквите примери е Хусни Хусаин кој зборува мамуџу, австронезиски јазик од Сулавеси, Индонезија, и е веројатно единствениот во Њујорк. Снимајќи го него и сличните на него, волонтерите на оваа организација прават споменот за овие јазици да не исчезне. Еве и други примери: