Музика за жени: раѓањето на „лесните ноти“

Целна група на радио формат од 1970-тите била „женската душа“, а нејзе продуцентите ѝ се обраќале со музички ре-аранжмани кои содржеле помеки и понежни (женски?) верзии од популарните хитови на тоа време. 

Извесен радио продуцент по име Ед Питерс дошол на идеја. Како би било да се создаде радио формат само за жени, кој би емитувал „високо-емоционална музика изведувана од водечките машки вокалисти на нашето време“? Тој ја продавал однапред подготвената програма на радио станиците како снимен пакет на лента во траење од 18 часа, поделена на три блока: „Скапоцени моменти“ (9 наутро до пладне), „Сама крај морето“ (3-6 попладне) и „Нежни шепотења“ (6-9 навечер). Музиката на моменти била комбинирана со дела на Жак Вилсон, поет кој снимал со тогашните популарни психо-рок бендови. 

Од програмата биле исклучени каков и да е метал или хард рок. Наместо тоа, биле пуштани актуелните хитови, но во различни аранжмани. Но, иако Битлси имале добри песни, според Питерс нивните аранжмани не биле соодветни за форматот. Најдобро легнувале лесната класика и музика од популарни шоу програми. 

Тој не бил првиот кој се обидел да го заземе таканаречениот „женски“ музички пазар. Музиката за расположенија, прв пат спакувана за потрошувачи од компанијата Музак во 1934, вклучувала посебно креирани плејлисти за вршење различни дејства (учење, подготовка за спиење) и создавање „сонична атмосфера“, на пример во деловни простории и компании, кои исто така биле асоцирани со нежност и женскост. Ова подоцна ќе биде следено од радио форматот Гуд Мјузик од 1950-тите, континуирана радио програма чија целна група биле особено домаќинките, наводно незаинтересирани за хитовите кои се вртеле на другите радио станици, наменети „за млади“.

Иако сите овие радио формати не опстанале, тие сепак иницирале нешто што денес го нарекуваме „лесни ноти“ (easy listening), музика за релаксација, тивка и утешувачка, спротивно на пример на рокот, кој е асоциран со агресивност, машкост и доминантност. Со текот на годините термините за „лесните ноти“ се менуваат, па се појавува и „мекиот рок“, а секој од овие жанрови се обидува да го пронајде вистинскиот микс на расположение на музика - често (не)сакајќи обраќајќи се на, во родова смисла, одделна публика. 

извор
 

21 август 2023 - 16:01