1994. - седум години по претходниот студиски албум, што е најдолг таков интервал во неколкуте децении на нивното постоење, групата Пинк флојд го објавува албумот Division Bеll. Во последната песна на албумот, меѓутоа, постои стих кој гласи: The ringing of the division bell had begun. Таа песна, најдобрата песна на албумот, се вика High Hopes.
Дваeсет години подоцна, Брус Спринстин објавува албум под тој наслов, a го отвара песната High Hopes. Во неа нема - очекувано - ништо пинкфлојдовско, но има - неочекувано - нешто јутуовско. Гитарската увертира како да ја отсвирел Еџ, а песната потоа го добива класичното руво на Спрингстин од деведесетите и двеилјадитите - раскошна весела инструменталност, со текст кој oпишува „лирски субјект“ кому во животот баш не му оди, но кој не се предава. Тие големи очекувања за кои зборува песната не се однесуваат на некој класичен американски сон - ликот само сака да има жена и деца.
Поголемиот број осврти и критики ја потенцираат важната улога која на него ја има Том Морело, гитаристот на групата Rage Against the Machine. И навистина, од 12 песни на албумот, Морело свири гитара на осум од нив. И не само тоа - тој ја пее десетата песна од албумот,The Ghost of Tom Joad, обработка на насловната песна од албумот на Спрингстин од 1995, која групата ја обработи две години подоцна. Но претераното потенцирање на Мореловата улога е повеќе данок на жанрот на рок-критиката, отколку што е нешто суштински смислено. Како и целата екипа од Е Street Band, Морело тука е дел од концептот на Спрингстин. Впрочем, песните во кои тој не учествува не само што воопшто не отскокнуваат од целината, туку се и на врвот на албумот. Таква е на пример Frenkie Fell In Love, одлична филгуд песна која неодоливо потсетува на класиките на „раниот Спрингстин".
Од веселиот увод до рефренски повторуваниот наслов, песната „вози" преку некои од клучните мотиви на западната култура: од Ромео и Јулија, до Ајнштајн и Шекспир. Во две строфи имено, Ајнштајн и Шекспир седат и пијат пиво обидувајќи се да сфатат што е љубовта: Ајнштајн бара математичко и нумеричко решение, додека Шекспир знае дека решението е во бакнежот и поезијата. Секако, ова се стереотипни спротивности и дихотомии, но музиката и гласот на Спрингстин ги пренесуваат со таква убедливост што имаме впечаток дека таа вистина никој никогаш не ја „спакувал" така елегантно и толку непретенциозно. (...)
Зборувајќи за албумот, Спрингстин го опишал како „мала аномалија" во својoт опус. Во однос на повеќето негови албуми, тој е помалку концептуален. Кога би правеле аналогии со книжевноста, тој помалку личи на Сартровиот „Ѕид" или на „Прогонство и кралство" на Ками, а повеќе на Чапековите „Раскази од два џеба“ (каде од левиот џеб би биле Спрингстиновите стари необјавени песни, а од десниот новите верзии на сопствените песни и обработките на туѓите). Но и кога прави албум од неискористена граѓа, Спрингстин останува мајстор. А тој е мајстор и кога прави макси сингл од материјал кој му останал неискористен за албум составен од неискористен материјал. На 19. април излегува макси синглот American Beauty, со четири песни кои не влегле на High Hopes. Заедно со насловната, тоа се Mary Mary, Hurry Up Sundown, Hey Blue Eyes. Дури и насловите се толку спрингстиновски што однапред знаеш дека колку и да ти се големи очекувањата, колку и да се нафураш на своите high hopes, нема да бидеш разочаран.
Мухарем Баздуљ
Извор: Време (со претплата)