Нарекуван е „џин на американската книжевност“, добитник на Пулицер во 1940 и на Нобелова во 1962 за неговите „реалистични и имагинативни дела кои комбинираат сочувствителен хумор и прецизна социјална перцепција“. Но дури сега, постхумно, треба да излезе книга која е на, за него, необична тема.
„Убиство на полна месечина“ е до сега необјавено дело на Џон Штајнбек, кое тој го напишал во 1930, како млад и сиромашен автор, во обид да заработи некоја пара. Ракописот од 233 страници сега се чува во архивата на Универзитетот Тексас во Остин, а се фокусира на гратче во Калифорнија во кое се случува серија убиства и тоа само на полна месечина. Детектив, новинар и менаџер на локална продавница за оружје се заплеткани во мистерија, која наведува дека извршител на грозните убиства е натприродно суштество. Ракописот содржи и две илустрации направени од раката на самиот автор - план на зградата каде се случувале убиствата, вклучително и на телата на жртвите. Во книгата овие цртежи се направени од еден од ликовите кој се обидува да ја разреши мистеријата.
Откако во јавноста излезе веста за постоење на ваков ракопис, познавачи на делото на Штајнбек и љубители на неговите книги бараат книгата да биде објавена, со петиција до агентот на Штајнбек, фирмата МекИнтош&Отис. Од таму изјавиле дека фактот што Штајнбек ја напишал „Убиство на полна месечина“ под псевдоним и не сакал делото да биде објавено во текот на неговиот живот, за нив значи дека тоа и не треба да биде објавено. Сепак, фановите се надеваат дека извршениот притисок и покажувањето интерес можеби ќе го променат мислењето на наследниците.
Ова и не е единствената приказна или дело на Штајбек кое не било објавено во текот на неговиот живот. Во 1958 тој почнал книга базирана на легендата на кралот Артур, под името „Делата на кралот Артур и неговите благородни витези“, но го прекинал нејзиното пишување во 1959. Незавршеното дело на крај е објавено во 1976,осум години по смртта на авторот.