Што значи тоа кога некој биограф сака Декарт да го прикаже во „малку поинакво светло“? Која е вообичаената слика за овој филозоф, дури и меѓу познавачите? Наречен „татко на модерната филозофија“, тој обично се поврзува со изреката „Мислам, значи постојам“, која прави да го замислуваме како осамен медитативен ум, кој откако на овој начин обезбедил доказ за сопственото постоење, ги одвоил умот и материјата, и изградил нова, механицистичка филозофија на природата.
Но што е со Декарт - човекот, кој патувал низ Европа, се борел во војни, изведувал експерименти (вклучително и вивисекција на животни), свирел со пријателите и се допишувал со аристократите и свештенството од неговото време?
Со оглед на опсукрните и често конфликтните претстави за овој филозоф, неговиот лик и денес е прилично мистериозен. Иако нему му се посветени куп биографии, и тие се збунувачки и содржат често контрадикторни информации - во нив тој бил католик, протестант, атеист; материјалист, скептик, либерал; револуционер, дипломат, па дури и шпион. Дали умрел од пневмонија откако се преселил во Шведска, каде бил теран да станува рано наутро за да ја подучува кралицата Кристина во тек на суровите зимски месеци? Или бил отруен од некој од дворјаните кои се сомневале дека тој сака да ја преобрати Кристина во католицизам? А можеби тој самиот си ја исценирал смртта во 1650 за да може да се врати во Холандија и на своите спокојни истражувања? Изгледа дека никој не ја знае целосната вистина.
Меѓу другите заблуди е неговото означување со „филозоф“ во време кога филозофијата била само дел од поширокиот научен интерес. Колку што бил филозоф, толку и бил математичар, па дури и физичар. Неговата метафизика на умот и телото ги истражувала природните феномени исклучиво низ призмата на механицизмот, а неговото „филозофирање“ требало да има крајно практична примена, продолжување на човечкиот живот.
Но освен ваквата анализа на неговото дело, новата биографија под наслов „Младиот Декарт: благородништво, гласини и војна“ на Харолд Кук, анализира и конкретни настани од неговиот живот. На пример зошто Декарт го напуштил Париз, градот во којшто бил заљубен, за во 1629 да се пресели во Холандија. Можеби ова се должело на репутацијата на Холандија како толерантно и спокојно место, каде (наводно) можело да се работи на раат. Но според Кук, напуштањето на Франција на Декарт било од сосема други причини - бегство од Луј 13-ти и неговиот прв министер, кардиналот Ришеље, кои благо речено не му биле наклонети.
Декарт бил она што на англиски се нарекува „општествен качувач“ - сакал да биде виден и слушнат во дворовите на елитата. Но таа елита со која се дружел Декарт не била баш политички најсоодветната - меѓу нив имало аристократи кои организирале бунтови против кралот и неговите помошници, а баш во доцните 1620-ти Декарт се спријателил со група антиришељисти, предводени од никој друг туку Марија де Медичи, вдовицата на кралот Анри Четврти и мајка на Луј 13-ти, која била во конфликт со сопствениот син. Ришеље почнал офанзива против неговите непријатели во 1628. А ова било токму пред Декартовото заминување за Холандија. Случајност? Кук мисли дека не е.
Каква врска има ова со делото на Декарт? Според авторот неговата филозофија базирана на опипливи докази произлегува од животното искуство во едно ризично и небезбедно време полно лага, интрига, гласини и страст, во кое било тешко да се знае нешто со сигурност. Слично и на нашите времиња, во кое е тешко е да се мисли, за да се постои.