„Сценаристите на Симпсонови се заљубени во бројки, и нивната крајна желба е на гледачите потсвесно да им сервираат математички знаења", вели авторот на новата книга, „Симпсонови и нивните математички тајни“, Симон Синг (Simon Singh).
Иако прогласувањето на математиката за ултимативна цел на шоуто е малку претерано, факт е дека математички алузии има. Тие се однесуваат на различни концепти, како pi, прости броеви, веројатност, топологија, последната теорема на Ферма, криптографија или броевите на Рамануџа. Последниве се идентични збирови на два броја кренати на трет степен, ама добиени на два различни начини. Вакви случаи се многу ретки, како на пример 1729 (133+1233 и 933+1033), а тој често се појавува во една друга цртана серија, Футурама, која беше создадена во 1995 од некои од умовите кои работат и на Симпсонс. Тоа е исто така и бројот на таксито на математичарот од Кeмбриџ Г. Х. Харди кога го посетил неговиот неговиот помлад колега Шриниваса Рамануџан во болница по Втората светска војна (од таму и името на бројот).
Книгата на Синг е полна со вакви анегдоти и стручни вицови. Еден од нив се однесува на фракталите, обрасци кои се состојат од самослични обрасци, и се такви, исти со самите себеси, во секој размер. Со други зборови истата шема се појавува и кога го набљудуваме објектот во најситниот детал, и од далеку. Вицот во оваа смисла е: „Што значи Б во Беноа Б Манделброт? Па, Беноа Б. Манделброт" (инаку основачот на фракталната геометрија).
Авторот ја добил идејата за пишување на книгата кога ја гледал епизодата на Симсонови под наслов „Волшебникот од терасата Евергрин", каде на таблата на која пишува Хомер имало равенка која директно се однесува на последната теорија на Ферма, за која Синг ја напишал претходната книга.
Помеѓу славните личности кои се појавиле во серијата има и научници и математичари - Стивен Хокинг, Стивен Џеј Гулд и неколку Нобеловци. Но и биографиите на самите сценаристи содржат интересни математички моменти: еден бил капитен на средношколскиот математички тим, друг има диплома по математика и физика од Харвард, трет магистратура по компјутерски науки од Беркли или Принстон. И сите тие завршиле во цртан филм, во кој сепак се обидуваат да вградат дел од своето знаење, правејќи го уште позабавен за одредена целна група.
Секако, и да не ги разбирате математичките алузии не е ништо страшно. Но оние за кои тие имаат смисла добиваат дополнително задоволство. Во книгата помеѓу поглавјата има пет „испити", на ниво на ниво на основно, средно, факултет па до докторска, и се состојат во тоа да објасните некој виц кој се појавил на претходните страници. На тој начин по неколку пати ја препрочитувате, слично како да сте притиснале „пауза" за да размислите за некоја математичка досетка од цртаниот. А нив очигледно ги има повеќе отколку било кој од нас, аматерите, би можел да претпостави.