Од неговите почетоци во 2006. Гугл има додадено 65 јазици од целиот свет, освен од два региона: Централна Азија и суб-Сахарска Африка. Ги нема паштунскиот, узбечкиот и ујгурскиот. Ги нема ниту африканските хауса, јоруба или зулу.
Преведувањето има потенцијал да ја промени политиката на перцепција. Обата споменати региона во случајов се на губитничката страна на играта. Тие не предизвикуваат внимание кај меѓународните медиуми, а често се отфрлени како варварски, опскурни и ирелевантни од лаиците. Дури и она што се пишува за овие региони често е на јазикот на „колонизаторите". Така, најголемиот дел од меѓународното покривање на Централна Азија е на руски. Слично, суб-Сахарска Африка се покрива од оние кои зборуваат англиски, француски и арапски. Тоа не е маана на известувачите: кога медиумите ангажираат малку луѓе за толку големи региони секако никој не очекува дека ти ќе ги зборуваат сите локални јазици, па има смисла тие да се потпираат на lingua franca.
Но без можноста за разбирање на локалните јазици, известувачите користат каков и материјал кој можат да го разберат. Тие пропуштаат да земат предвид еден цел свет, еден „таен“ интернет, во кој значајните политички разговори се одвиваат на узбечки, киргиски, туркменски и таџикистански. Оттаму, Гугл се движи во вистинската насока - се развива превод од централно-азиските јазици, а Гугл Африка има отворен повик за оние заинтересирани за зголемување на можностите на сајтот. Ништо не може да го замени човечкото преведување - вицовите, специфичните изрази, поезијата, се премногу суптилни за да може да ги преведе машина. Но Гугл Транслејт може да даде чувство за секојдневните грижи на луѓето, им дозволува на оние кои ги зборуваат само регионалните јазици да ги читаат странските медиуми, какоа и да ги преведат сопствените текстови за поширока публика.
„Никогаш нема интерпретација, разбирање и знаење кога не постои интерес", напиша Едвард Саид во „Покривање на исламот", критикувајќи ги медиумите кои (не) пишуваат за муслиманскиот свет. Во дигиталната ера, недостапноста значи невидливост, а невидливоста ирелевантност. Додавањето на повеќе локални и национални јазици кон Гугл Транслејт е мал чекор кон решавање на овој проблем.