И покрај насловот, новиот филм на Мур не се однесува на воениот колонијализам на САД, туку на неговата сопствена „инвазија" на неколку земји во Европа (главно Скандинавија) и Северна Африка, во потрага по добри примери како функционираат работите таму, кои би можеле да се применат и во САД. Платениот годишен одмор на Италијанците, француска програма за бесплатен (и квалитетен) школски ручек, образовниот систем во Финска кој е оценет како најдобар во светот, отсуство на концепт за студентски долг во Словенија и изгледот на затвор со максимална безбедност во Норвешка, се моделите од коишто треба да учи САД. Во меѓувреме во неговата земја се уште се дискутираат базични нешта, како на пример еднаква плата на жените во фимската индустрија. Говорот на Патриша Аркет и поддршката којашто таа ја доби од Мерил Стрип на овогодинешните Оскари според него покажува дека промени се сепак можни, и дека токму заради нивната популарност актерите и актерките се добар избор за иден претседател:
„Републиканците беа свесни дека Реган знае како да зборува со Американците и како да ги натера да гласаат. Тоа е таков случај кога имаш сакана личност која ете случајно е актер, но истовремено е и доволно умна, има срце и е љубопитна", вели Мур.
Како контраст на ова Мур вели дека 20-те% жени во американскиот Сенат е разочарувачка бројка. „За 100 години некој ќе мисли: Уау, овие луѓе мислеле дека живеат во демократија, а биле контролирани од малцинскиот пол. Тој пол (машкиот) го води и го финансира шоуто. Тоа се вика апартхејд. И тоа мора да се смени, наскоро".
Новиот филм според него повикува на преиспитување на американската душа, а атмосферата во него е опишана како „необично весела", за разлика од претходните филмови во кои Мур знаел да биде и саркастичен и циничен. „Секогаш верував дека цинизмот е само различна форма на нарцизам. Повеќето луѓе имаат свест и знаат да разликуваат добро од зло, само се премногу уплашени или неуки, а кога овие работи ќе се поправат ние ќе престанеме да живееме во страв и нема веќе да бидеме глупави".
Во позитивните примери за добро законодавство и добар живот во филмот спаѓаат и такви земји кои стереотипно се спротивно од ова, како на пример Италија (хаос) и Грција (хаос на квадрат). Но според Мур ова е резултат на тоа како овие земји се портретираат во мејнстрим медиумите, и како според нив сите останати земји се ужасни во споредба со Америка.
По премиерата на 40-тиот филмски фестивал во Торонто следеле овации од половина минута, а на публиката ѝ се допаднале и подароците: моливи направени од Фабер Касел, компанијата која во филмот е претставена како модел-работодавач, како и формулари за апликација на словенечки факултети, за оние кои сакаат да студираат во странство бесплатно.
Трејлерот за филмот: