Група студенти од Универзитетот Оксфорд планира да отвори токму таква комбинација, на детска читална и сервис со машини за перење. Тоа сакаат да го направат во Јужна Африка, каде според нивните истражувања мајките минуваат дури девет часа неделно рачно перејќи ја облеката на членовите на семејството. Така тие би решиле два проблема одеднаш - би им овозможиле слободно време и одмор на жените, и би ги поттикнале во пералната да доаѓаат со нивните деца, каде би можеле заедно да ги користат книгите.
Како финалист за наградата Хулт, која се доделува на млади претприемачи кои се обидуваат да ги решат најголемите светски проблеми и изнесува 1 милион долари, овој проект доби шанса за пилот Либромат во јули и август во центар за ран детски развој во Кајелитша, Јужна Африка, каде беа инсталирани машини за перење и сушари. Одржливоста на проектот се обезбедува со плаќање релативно мал надомест за услугата. Истовремено се нуди бесплатен курс за читање за родители, за тие да можат потечно и поефектно да им ги читаат сликовниците на нивните деца.
Целиот трошок за ваквите центри се проценува на 10,000 долари, што ги вклучува машините, мебелот и книгите. Тимот се надева дека во нив би имало барем 200 корисници месечно, што би овозможило одржување, но и вработување на тројца членови на локалната заедница, одговорни за Либроматот.
Анкети за следна локација на проектот се направени и во Гватемала, Камерун и Уганда, каде 80% од анкетираните рекле дека би платиле за ваква услуга. Ентузијастичноста се должи на отсуството на јавни перални во урбаните населби во овие земји, но и на фактот дека проектот нуди нешто повеќе од само чисти алишта. Истовремено, би имало и одреден број бесплатни перења за оние кои нема да можат да си ја дозволат сумата.