Коља е автомеханичар кој живее блиску бедно гратче покрај Баренцовото море со жена му Лилја и синот тинејџер Рома од првиот брак. На неговиот имот, на кој неговите предци живееле со генерации, му има фрлено пик локален моќник, кој сака таму да изгради некаков комуникациски центар. Речиси на самиот почеток на филмот сме сведоци на судска постапка, во која Коља и неговиот адвокат, дојден специјално за таа прилика од Москва, залудно се жалат на одлуката имотот да се одземе за смешни пари, со кои би можел да се купи само запуштен мал стан во градот. Со роботски глас, во сцена која изгледа дека трае вечно, судијката го резимира целиот тек на процесот, и без воопшто да го промени тонот ја изрекува и пресудата - Коља ќе мора да се исели.
Ова е само почеток на низа настани во кои режисерот Звјагинцев (чиј прекрасен „Враќање" го гледавме на еден од претходните фестивали) полека нè воведува во приказната. А и каде би брзал, кога судбината на ликовите и онака однапред изгледа запечатена - знаеме дека работите ќе завршат лошо, само не знаеме точно како. Темпото се засилува откако Лилја го изневерува мажот ѝ со адвокатот, а пак овој мора да избега од градот не само затоа што Коља дознава за работата, туку и заради градоначалникот-мафијаш, кој му се заканува со убиство. Но кога помислуваме дека работите сепак се слегнати, и дека освен што ќе мора да се исселат Коља и Лилја сепак ќе продолжат да живеат заедно, таа исчезнува, за по неколку дена нејзиното безживотно тело да биде пронајдено во морето. Коља е обвинет за убиство за кое до крај не сме сигурни дека се случило, и осуден на 15 години. Филмот завршува со сцена во која локалните криминалци на чело со градоначалникот и инвеститорот на новиот објект се на црковна литургија, на која свештеникот зборува за правдина и морал. Откако нивните џипови заминуваат, спокојството надвиснува над морскиот пејсаж, кој е истовремено и убав, и ужасен во неговата величествена несовладливост.
„Зошто, Боже?", се прашува Коља откако му се случуваат сите животни премрежја, доведувајќи ја во прашање Неговата милост и правичност. Со тоа тој станува антипод на библискиот Јов, богогојазлив и добар човек, кому Сатаната во договор со Бог му одзема сè што има, вклучително семејството и имот од „седум илјади овци, три илјади камили, петстотини волови, петстотини ослици и мошне многу слуги". Бог со ова сака да докаже дека Јов и покрај сите маки никогаш нема да Го наклевети, туку дека ќе продолжи да верува. Така и се случува - Јов го колне денот кога се родил, но не и неговиот Создател, па Тој го наградува со живот долг 140 години, седум сина и три ќерки. За разлика од Јов, Коља го губи и имотот, и жената, а синот ќе мора да заврши или со старатели или во сиропиталиште. Морското чудовиште кое Бог во една сцена од Книгата на Јов го кроти за да ја покаже својата сила, Левијатанот, кој во случајов не е митолошки туку многу конкретен корумпиран политички ѕвер од систем, го проголтува.
Има во филмот и многу траур, но и многу сатира упатена кон современите руски олигарси, и навистина е чудно што тој е делумно финансиран од Министерството за култура на Русија, а е предложен и како руски кандидат за Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје. (веќе беше во конкуренција за Златна палма во Кан, но ја доби само онаа за најдобро сценарио). Во антологиска сцена кога Коља со пријатели кои се локални полицајци слават роденден со натпревар во пукање во шишиња, едниот од цајканиве одеднаш вади нешто од кола што го најавува како многу поинтересна мета - портрети на голем број досегашни руски функционери, од Сталин, Ленин, до Горбачов, кои изгледаат како излезени од некој правлив подрум. Ќе ги извади, вели тој, некогаш и сликите на оние кои се сега на власт, само треба уште малку да созреат и да добијат „историска перспектива".
А каква врска има Томас Хобс со сето ова? Во неговата истоимена книга „Левијатан" објавена во 1651, англискиот филозоф вели дека кога граѓаните ќе се договорат да ги отстапат нивните права на единствениот суверен водач, државата ќе стане силна како митолошкото чудовиште. Она што тој веројатно не го предвидел е дека тоа исто чудовиште може да ги изеде оние кои му ја предале моќта да раководи со нивните судбини. Затоа што: „Ќе вовреш ли алка во ноздрите негови? Ќе ја прободеш ли со шило челуста негова? Ќе ти се моли ли и ќе ти говори ли тоа кротко?"
Трејлер за филмот
Од саундтракот: музика на Филип Глас од неговата опера „Акнатен", делот под наслов „Руини" (1983)