Истражувачи од Универзитетот Карнеги Мелон собрале повеќе од 86,6 милиони коментари од 6,6 милиони корисници на 200,000 јутјуб видеа. Потоа ги анализирале користејќи техника на вештачка интелигенција која вообичаено служи за превод помеѓу два јазика.
Резултатите покажале дека луѓето на спротивните страни на политичкиот спектaр често користат различни зборови за изразување слични идеи. На пример, во коментарите кои се однесуваат на пандемијата терминот „маска“ помеѓу либералите е еквивалентен на терминот „рилка“ (муцка) помеѓу конзервативците. Кога вториве зборуваат за „Трамп“ (Тrump) кај спротивниот табор тоа е „чамп“ (chump-лесно поводлив човек). Она што се однесува на Фокс кај едните, кај другите важи за Си-ен-ен, итн.
Ашик КудаБукш, истражувач во проектот, вели дека поларизацијата на американскиот политички дискурс последниве години го инспирирала него и неговите колеги да проверат дали преведувачкиот софтвер може да идентификува термини кои се користат во слични контексти од луѓе со различни убедувања и светоглед. Станува збор за техника која се базира на тоа колку често некој збор се појавува во близина на други познати зборови, и споредба на таа шема со слична во друг јазик. На пример, врската помеѓу термините „автомобил“ и „пат“ изразени математички можат да бидат исти во два различни јазици, овозможувајќи му на компјутерот да научи како точно да преведе еден од термините доколку се најде во близина на другиот.
Во случајот со политички коментари изразени на англиски истражувачите дошле до сознание дека различни зборови заземаат слично место во речникот на секоја заедница. Статијата, која е постирана онлајн но е во фаза на рецензија, ги зела предвид коментарите постирани под видеа на четири американски канали - MSNBC, CNN, Fox News и ОАNN.
КудаБукш вели дека социјалните мрежи можат да користат слични техники како овие на неговиот тим да изградат мостови помеѓу закрвените страни. Мрежата може да одбере да ги направи повидливи коментарите кои одбегнуваат користење на различни термини за една иста работа, туку да акцентира примери кои овозможуваат заедничка платформа, која не е само јазичка туку и идеолошка.
Пристапот на истражувачите наиде и на критики, меѓу другото поради начинот на кој ја сфаќа политичката дискусија - како бинарна, црно-бела. Би било многу интересно да се види како стојат работите на нашите социјални мрежи, во дискурсите на спротивставените страни, и како се „преведуваат“ термините од јазикот на едните во јазикот на другите.