Lifted: A Cultural History of the Elevator (Подигнат: културна историја на лифтот), чиј автор е Германецот Андреас Бернард, неодамна излезе во издание на New York University Press. Kнигата не се однесува толку на лифтот како технолошки изум, туку на начините на кои тој влијаел врз социјалната перцепција на просторот, или врз „рекодификацијата на вертикалноста".
Имено, во текот на последната деценија на 19. век, кога во зградите почнале да се воведуваат првите лифтови, најдобрите станови „мигрирале" од ниско кон повисоко, воспоставувајќи ја хиерархијата која и до денес не е изменета. Во европските хотели, на пример, најлошите соби традиционално биле на врвот, бидејќи само од сиромашните и од вработените во хотелот можело да се очекува да се мачат да качуваат толку скали.
Лифтовите ги ослободиле повисоките катови од стигмата на непристапност и им овозможиле невиден гламур. Ако порано bel étage бил првиот кат, а најевтиниот бил на таванот, сега пентхаус-от се релоцира, и физички и метафорички, над сите останати спратови. Во 1930 во Њујорк, двете кули-близначки на новиот хотел Валдорф-Асторија, кои почнувале од 29-тиот до 43-тиот кат, биле ексклузивна област на апартмани со приватен батлер, и со посебен лифт кој од приземјето одел директно на 29-тиот.
Лифтот е и самиот по себе социјален простор, обележан со тензија, или во случај на осамено возење во него, со „анестетизирање на вниманието" во текот на тие неколку секунди колку што трае качувањето или спуштањето. Бернард пишува за етнометодолошката анализа на позициите кои вообичаено ги заземаат кога влегуваат во лифт на Ервинг Гофман (целиот текст под наслов „Незгодното и општествената организација" од 1956 тука), според која обично еден од патниците во лифтот застанува крај копчињата, вториот во дијагонално во спротивниот агол, третиот некаде кај задниот ѕид а четвртиот во празниот центар, со тоа што сите се свртени со лицето напред, како на парада, формирајќи нешто што тој го нарекува „социограм".
Автоматизацијата на лифтот која подразбира контрола на корисникот е уште еден интересен културолошки момент - лифтот „знае" дека треба да дојде, и „знае“ каде сакате да одите, затоа што вие тоа му го кажувате со притискање на копчето. Тоа што конкуренцијата на истовремените притискања знае да биде голема, само го покажува „шумот" што може да го предизвикаат симултаните информации испратени до еден ист примател (лифтот), кој мора некако да излезе на крај со тие понекогаш конфликтни желби и насоки на движење. А кога лифтот ќе застане, тој престанува да биде лифт, туку станува затворска ќелија, а долгорочно може да стане и мртовечки сандак. Оттаму и стравовите во врска со лифтовите и возењето во нив.
Референците во книжевноста и во уметноста воопшто на лифтот се многубројни: еротската сцена во „Последното танго во Париз", моментот на грабнување на Кери Грант во „Север-северозапад". Еве избор од 20 најдобри филмски сцени кои се одвиваат во лифтови. И музиката на Мајлс за „Лифт за губилиште" на Луј Мал.
Бонус: Кога твитерџија ќе се изнервира од лифтови и госпоѓи што го користат истиот (извадоци од нешто што очекуваме да прерасне во „Седум навраќања на мотивот кревање: до лифтот и по него“)