Во рубрикава сме пишувале за животот погледнат низ очи на различни професии (приказните за браварот, фотографот и поштарот тука). Но ваква досега сме немале.
Краткиот филм (6 мин) зборува за натпревар кој се одржува во Тренчин, Словачка, за титула најдобар копач на гробови. Организиран е од компанијата Стриж, семејна фирма која го работи бизнисот веќе четири генерации. Идејата била да се „нормализира“ оваа професија, која во Словачка (а и не само таму) е ставена на маргините, да се види дека и копачите на гробови се само (смртни) луѓе.
Правилата се едноставни: имаш парцела во која треба да ископаш 90 сантиметри широк и два метра долг гроб со стандардна опрема (ашов, копач). Се зема предвид брзината и квалитетот, како и финалниот дизајн (?!) на парцелата (нам ни беа сите исти). Наградените добиваат пехар, а кај нас веројатно би добиле и по некој пешкир.
Најдобриот момент во филмот е кога новинарска екипа присутна на натпреварот прашува еден од учесниците - „Како се одлучивте да станете гробар?“ Одговорот не се слуша, но се гледа неговото беспомошно ширење раце. Како бре некој одлучува да биде гробар?, како да сака да каже.