Перспективата на еден фармацевт, бербер или погребник кон човечките карактери е формиран од секојдневните интеракции со различни луѓе, во кои овие професии гледаат, слушаат и доживуваат нешта што повеќето од нас, кои по цел ден седиме пред монитор и комуницираме преку Скајп, не знаеме ни дека постојат. Тие се всушност вистинските антрополози-аматери, кои ако малку ги чепнете, почнуваат да истураат приказни кои со години им тежеле, а често немало кој да ги чуе.
Најпрвин чудејќи се што воопшто се интересирате за нивниот свет, од збор на збор ви откриваат реалност која лебди некаде помеѓу вас и вашето секојдневие. Тоа не мора да се спектакуларни и мистериозни настани, може да се и сосема обични нешта, но сепак откриваат некои страни на човечката природа, без оглед дали се за фалење, или за жалење.
Еве три такви вистински приказни од моето искуство. Ако имате слични, или знаете некој кој заради природата на неговата работа има увид во овие тајни ќошиња на човечката психологија, пишете ни. Најинтересните ќе ги објавиме анонимно, без да навлегуваме во нивната вистинитост. Вработени во секси шоп, болничари, биоенергетичари, физиотерапевти...сите што работат „со луѓе", и знаат нешто повеќе за некој посебен аспект на човечкиот вид отколку што можеби би сакале да знаат.
Приказна бр. 1: Браварот
Пред неколку години имав проблем со кираџии, и единствен начин да се реши работата беше да се сменат бравите. Човекот кого го ангажирав се согласи да дојде со мене во кола до местото, да ја заврши работата и да го вратам во дуќан.
Во гужвата по пат се разврза муабет, па го прашав како знае кога да прифати, а кога да одбие работа, за да не си ја фати бељата. Обично проценувал „од око", односно од искуство, ако не бил сигурен барал документ, а во покомплицирани случаи и присуство на полиција. Често го ангажирале лути брачни или љубовни партнери, за да смени брава на (наводно) заедничкиот стан, што ако другиот налетал во моментот знаело да заврши и со физичка пресметка во која бил колатерална штета.
Најмногу му беше жал што во последниве години низ неговата работа е сведок на тренд - оставањето сами на изнемоштени старци, што се случувало и во станови „среде Центар", „за младите да одат на одмор" или просто затоа што тие немаат никого кој би се грижел за нив. Повеќе пати отварал такви станови во кои на старите или им се слошило, или веќе биле починати. Во бизарен случај старица му јавила дека семејството ја има заклучено и заборавено во куќата, а всушност дома имало луѓе, и вратата од нејзината соба била отворена.
Сепак како за најтрауматично искуство раскажуваше за отварање стан во Скопје во кој живеела студентка од внатрешноста, која не била видена подолго време. Тој бил првиот кој го видел обесеното тело - подоцна дознал дека си го одзела животот затоа што добила лоша оценка.
Приказна бр. 2: Вработен во фото-студио
Делува некако нелогично што некој би се секирал како изгледа на фотографија за табло или документ, кога секојдневно може да постира селфиња и фотографии кои ќе го прикажат во најдобро светло. Но човекот од фото-студиото со неверување зборуваше за опседнатоста на мнозинството со нивниот официјален дигитален отисок. Возрасни луѓе („дури и мажи" - нагласи) се враќале и по неколку дена за да се пресликаат, внимателно бирајќи од направените пози.
Сепак најмногу го секираше тоа што матуранти, па дури и апсолвенти, на сликање доаѓале со родителите, кои агресивно им сугерирале како да се наместат, понекогаш и ги држеле за рака дур се сликаат (?!). Една мајка со плунка му ги местела шишките на 23-годишниот син, плукајќи му и во веѓите, за да му светеле. Кога фотографот изреагирал во смисла „што е многу-многу е", таа одвратила - „Да не си љубоморен?". Можеби на оние кои прават слики за надгробни споменици им е полесно, искоментира со насмевка, бидејќи барем тие не се бунат како излегле.
Приказна бр. 3: Поштарот
Што се случува кога некој со хакирана картица купува сè и сешто и ги испраќа на луѓе кои потоа не ги подигнуваат пратките? Тие, купишта пакети, дремат некое време во магацин, додека не дојде моментот да бидат отворени и (барем формално) уништени. Човек задолжен за оваа работа со веќе отапен, но се уште видлив восхит рамен на оној на човек што минал добар дел од животот меѓу припадници на егзотично племе, на кафанска софра зборуваше за содржината на пакетите и нивните потенцијални добитници.
Најчести адреси за еротски помагала биле некогашна спикерка на вести (згодна) и една бивша политичарка (не-згодна), а понекогаш вистинската намена на предметите, по принципот „за кое ово е оно?“ била тема на колективно нагаѓање. Танги со вграден клит-вибратор на далечинско, со менување брзини и ритам на вибрации, „како кај мобилни“. Кожни каиши со лулашка кои се прикачуваат на ѕид, со чија помош се „летка" дур некој некого бемба (што според еден домаќински коментар на масата добро се комбинира со костим на собарка и она за собирање прашина, „за барем така леткајќи да фатиш од тоа пајажините"). Кукли на дување, кои откако ќе станело очигледно дека никој нема да ги подигне, биле користени од магацинските работници, помеѓу кои избивале караници „ако некој не ја измил куклата по употреба“. Се случувало помеѓу корисникот и одредена кукла да се родат и подлабоки чувства, па тој станувал љубоморен ако ја користи негов колега, бидејќи е негова „единствена љубов“ и „никој не смее да флертува со неа“.
Добро, стигнувале и книги, МНОГУ книги, а нам некако ни беше повеќе жал за нив. Нè утешија дека биле давани по школи и библиотеки.