Експериментален интерфејс, кој го поврзува мозокот со компјутер, овозможува човек кој е парализиран од вратот надоле да може да куца со тоа што замислува дека пишува со рака. Ова е тема на нова статија објавена во списанието Нејчр од 12 мај под наслов „Комуникација мозок-текст преку ракопис“ на група автори.
Човек кој е парализиран од вратот надолу по несреќа од пред десет години, и се води како „Т5“, можел да напише 18 зборови во минута со повеќе од 94% точност на поединечните букви со помош на компјутерски систем кој го претвора замислениот ракопис во зборови.
Ова е прв пат научниците да креираат реченици од мозочна активност поврзана со рачно пишување, што отвора пат за идни пософистицирани алатки кои би можеле да им помогнат на луѓето со хендикеп да комуницираат побрзо и појасно.
Френк Вилет, кој е истражувач на проектот кој се одвива на Универзитетот Стенфорд, вели дека овој пристап ја отворил вратата кон декодирањето на други замислени дејства, како куцање со 10 прсти на слепо и говор за пациенти кои ги имаат засекогаш загубено своите гласови. Наместо да детектира букви, алгоритамот во вториот случај би детектирал фонеми и слогови.
Пациентот Т5 се пријавил во клиничко испитување наречено БрејнГејт2 за истражување на безедноста на вградени компјутерски чипови кои читаат електрична активност директно од мозокот. Човекот имал вградено два такви чипа, секој со големна на апче, и со 100 вградени електроди, поставени на левата страна од неговиот мозок, од каде невроните испраќаат сигнали кои ја контролираат десната рака.
Вилет и колегите го замолиле Т5 да замисли дека држи пенкало над лист хартија и потоа да се обиде да напише поединечни букви од азбуката, иако не може да ја мрда раката. Додека се обидувал, тие ја снимиле активноста од мозочниот регион кој е одговорен за оваа активност. И покрај долгото време на неподвижност на рацете, мозокот на Т5 се уште произведувал неврална активност за секоја буква и различни интерпункциски знаци, како раката навистина да ги пишува.
Врз основа на овие снимки е тренирана вештачка интелигенција односно алгоритам, кој подоцна можел во реално време да предвиди која буква човекот се обидува да ја напише, со 94.1% точност. Кога научниците додале и автокоректура, точноста пораснала на 99%.
Во текот на сесиите пациентот изјавил дека чувствува како пенкалото во неговата рака да се движи по листот и дека може да „пишува“ побрзо доколку пишува мали букви. Најтешки за детектирање на компјутерот биле буквите r, h и n, бидејќи тие бараат мали движења и слична мозочна активност.