Д-р Доменико Вичинанца од британскиот Универзитет Англија Раскин, со употреба на софтвер кој самиот го развил, може во живо да претвора податоци снимени од сеизмометар во националниот парк Јелоустон во музика.
Нотниот запис ќе се генерира на екран, а во живо на сцена ќе ја изведува доктор Алиса Шварц, професор по флејта и музикологија на Универзитетот Фермонт во САД. Сето ова се случува на конференција под наслов Internet2Community Exchange која е во тек во Атланта, Џорџија.
Како што амплитудата на вибрациите произведени од вулканската активност ќе се зголемуваат, така ќе се искачуваат и нотите на музичката скала. Доколку сеизмографските податоци покажат драматични осцилации, таква, драматична, ќе стане и музиката.
Вичинанца вели дека идејата за претворање на земјотреси во музика му се допаѓа како начин да се обезбеди различна перспектива на нешто што изгледа познато: трагите на сеизмографот формирани од игла на хартија.
„Со музиката можеме да погледнеме во микро-шемите, во серијата шпицови и ’седла’ во податоците, со други зборови во тоа како одредени карактеристики се надоврзуваат едни на други или се менуваат со тек на време“. Иако ова е уметничко дело потпомогнато од технологија, тој нагласил дека човечкиот изведувач останува од суштинско значење, бидејќи неговото (во случајов нејзиното) доживување на она што е содржано во нотниот запис е најрелевантното во целата работа.
Еве како тоа ќе изгледа, односно звучи: