Кому и зошто му одговара да нè засрамува?

Иако се вели дека денес се нема срам, тој е моќно и понекогаш корисно средство во рацете на оние кои се обидуваат да истераат некаква социјална правда, но и обратно, во рацете на оние кои сакаат срамот да го користат како начин да спречат било каква активност спротивна на нивните интереси. 

За Кети О’Нил пишувавме во 2017, кога ја претставивме нејзината книга „Оружја на математичко уништување“, во која таа ја анализира опасноста од алгоритмите, која според неа е со егзистенцијални пропорции. Нејзината поента беше дека моделите за предвидување никогаш не се неутрални, туку ги отсликуваат целите и идеологијата на оние кои ги создаваат - од рангирања за влез на универзитет или добивање работа, до одлуки за тоа какви реклами ќе гледате онлајн или кои стории ќе се појавуваат на вашиот фејсбук „фид“. 

Математичарката сега има нова книга, „Машината за засрамување: кој профитира во новото доба на понижувањето“, која се занимава со начините на кои се произведува и се експлоатира срам во голем опсег индустрии, вклучително и социјалните медиуми, за изнудувачки и комерцијални цели. Таа тврди дека генералната намера е одвраќање на одговорноста за социјалните проблеми од институциите кон поединци.

Во неодамнешно интервју за Гардијан таа вели дека идејата за оваа книга ја добила пишувајќи ја претходната. Тогаш разговарала со наставници по различни предмети во основно и средно образование кои биле евалуирани преку систем на тајно оценување. Понекогаш врз основа на резултатите добивале отказ. Кога ги прашувала дали некој им ја објаснил формулата, тие велеле дека им било срам да прашаат бидејќи одговорот од надлежните бил дека „тоа е тешко разбирлива математика“.

Срамот според неа е универзално чувство, а се случува во контекст на почитување на одредена норма. Сепак, тие норми не се нужно универзални. Срамот е социјална конвенција која може да резултира со чувство на помала вредност или неприфатеност. Вообичаено „срамни“ се нешта поврзани со табуа, како секс, но и многу други кои не се очигледни на прв поглед. Ова создава чувство на несигурност, дека некое дејство за кое не можеме да предвидиме дека ќе резултира со повреда на норма на крај може да нè засрами пред останатите членови на заедницата чие мислење ни значи. 

Првата третина од книгата се занимава со традиционалните „машини за засрамување“, како козметиката за жени, бидејќи тие се срамат од тоа да изгледаат старо. Средишниот дел е за тоа како големите технолошки компании го користат срамот за да профитираат од нашите интеракции. Ова според авторката е релативно нов развој на настаните кој директно се потпира на способноста да се „киднапираат“ нашите пред-рационални, нагонски реакции и егзистенцијалната закана на срамот по нашата психа. 

Имено, алгоритмите се оптимизирани така за во нас да го поттикнат она што најмногу нè дразни. Ова често доведува до непромислени реакции, нешто од што подоцна би можеле да се срамиме. Секако има ситуации во кои нечие засрамување е оправдано, ако тој некој навистина свесно преминал граница на добар вкус или етика. Но засрамување на некој кој не се придржува на нормата затоа што нормата е самата по себе неправична за одредена група, тоа е веќе обид за замолчување и понижување. 

Дали има начин ова да се спречи или барем заобиколи? О’Нил вели дека би сакала секоја институција, вклучително и социјалните мрежи, но и училиштата, затворите и добротворните организации да анализираат до кој степен несвесно применуваат засрамување во своите политики и практики, и да се обидат да ги отстранат. Можеби најдобриот начин е оние кои носат одлуки да се стават во ситуација кога тие биле засрамени. Ако воопшто можат тоа да го замислат.  

16 април 2022 - 10:11