Родена 1868, англиската писателка, археолог, владин службеник и шпион станала главен играч во градењето на политиката на нејзината земја на Блискиот исток пред и за време на Првата светска војна. Но таа не само што била единствената жена со ваква важна функција за круната на овој чувствителен терен, туку имала и одлични односи со локалците, на кои им помогнала да формираат институции за заштита на сопственото културно наследство, како Националната библиотека на Ирак или Багдадскиот археолошки музеј. Секако, и ова си имало своја политичка цел - Британците сакале од арапските племиња да направат свои сојузници.
Со нејзината диплома од Оксфорд како најдобар студент во класата, Бел зборувала арапски, персиски, француски и германски. Ниска по раст, но крајно пргава, таа имала неверојатен талент за политичко маневрирање и задкулисни игри од кои учеле и повозрасните политичари. Починала на 57 години, немажена и без деца, и била испратена со големи почасти - на нејзинито погреб дошол дури и иранскиот крал. Една од верзиите за нејзината смрт вели дека всушност се самоубила со прекумерна доза апчиња, а како последица на депресија, по смртта на нејзиниот љубовник, женет британски конзул, но и смртта на нејзиниот брат. Во некрологот кој излегол во британските весници се вели:
„Ниту една жена од ова време не поседува комбинација на квалитети како нејзините - желба за опасна авантура помешана со нејзините научни интереси и знаења, компетенција за археологија и уметност, книжевниот талент, сочувството за луѓето, мажевен полет, здрав разум и практична ефикасност - сето тоа зачинето со женски шарм и романтична душа".
На овогодинешниот Берлински фестивал, којшто е во тек и ќе трае до 15. февруари, беше прикажан филм на Вернер Херцог, „Кралица на пустината", посветен токму на оваа интересна жена. И додека тој во досегашните филмови, свесно или не, постојано следеше екстремни авантури на мажи (Фицкералдо, Лошиот поручник или документарците за Сибир), сега решил дека е време да им оддаде признание на силните жени и на нивните приказни.
„Секогаш мислев дека сум режисер за мажи. Требаше и многу, многу порано да се зафатам со женски ликови. Но сега ми е мило што тоа се случи, и ќе продолжам во таа насока", изјавил Херцог. Неговата екипа пак му била благодарна што сега работеле во „нормални" контексти, како Мароко, Јордан и Британија, а не во екстремни услови како Амазонија или Антартика (каде бил сниман неговиот документарец Средби на крајот на светот). Главната улога, ликот на Бел, го игра Никол Кидман, нејзиниот љубовник Џејмс Франко, а критичарите го нарекоа филмот „шармантен" иако беа разочарани од отсуството на приказна за лудило и опсесија којашто вообичаено постои во филмовите на Херцог.
Извадок од филмот: