На 6 април, таа 1962-ра, во Карнеги Хол бил закажан матине концерт на Њујоршката филхармонија. Глен Гулд и Леонард Бернштајн требало да го изведат Пијано концертот број 1 на Брамс. Но на сцената пред самиот почеток излегол само диригентот. Гулд, кој ретко настапувал јавно, бил познат по откажувањето концерти во последен момент, па Берштајн најпрвин морал да ја увери публиката дека солистот е присутен. Но потоа одржал контроверзен говор, кој од тогаш влегол во аналите на музичката историја:
Имаме необична ситуација, која заслужува збор или два. Она што ќе го слушнете е, да речеме, нетипична изведба на концертот во Д-мол на Брамс, таква која драстично се разликува од која и да е друга којашто сум ја слушнал, па дури и од таква која би можел да ја замислам, заради исклучително широките темпа и честите оддалечувања од динамичките насоки на Брамс. Не можам да кажам дека целосно се согласувам со концептот на г-дин Гулд, а тоа пак поттикнува интересно прашање - зошто сум тука да диригирам? Тоа го правам затоа што г-дин Гулд е толку валиден и сериозен уметник што морам да го сфатам сериозно сето она што тој го прави со добра мисла, а неговиот концепт е доволно интересен што мислам дека треба и вие да го слушнете.
Сепак останува старото прашање. Кој е шефот на еден концерт: солистот или диригентот? Одговорот е секако, некогаш едниот, некогаш другиот, зависи од луѓето. Но речиси секогаш овие двајца успеваат некако да се договорат, како резултат на убедување или шарм, па дури и на закани да се постигне унифицирана изведба.
Што го натерало Бернштајн вака јавно да се огради од концерт кој самиот го диригирал? Двајцата уметници имале многу спротивставени темпераменти - Гулд бил ексцентричен и многу затворен, Бернштајн жесток и крајно екстровертен. Па сепак диригентот многу го ценел својот музички колега и за него еднаш изјавил дека е „најдоброто што ѝ се случило на музиката со години“.
Но за конкретниов концерт главна причина било темпото - според Гулд секој од трите става требало да биде свирен многу побавно отколу што тоа го наметнувал Бернштајн. Овој никако не можел да се согласи со забавувањето, иако на крај попуштил со образложение дека е љубопитен да види како ќе излезе експериментот.
А тој не излегол баш добро, барем не што се однесува до критиката, која го обвинила Гулд дека свири бавно затоа што наводно не може да излезе на крај со посложените пасажи кога тие биле свирени побрзо. Но од денешна перспектива начинот на свирење на Гулд разоткрива елементи на музичката архитектура кои претходно не биле видливи. Со оглед на неговиот афинитет кон Бах, делови од концертот на Брамс звучат како да се барокни, a не дела од времето на романтизмот.
И овој случај на Гулд наспроти Бернтшајн секако не бил прво несогласување помеѓу диригент и солист, од кои секој има право да одлучи како ќе звучи крајната изведба. Но тоа било прв пат ваквиот конфликт да е разоткриен јавно. Eве ја оригиналната аудио снимка, сосе говорот на Бернштајн. Се слуша смеење, многу кашлање, а тоа е можеби затоа што според коментарите на јутјуб, во тоа време во концертните сали било дозволено дури и да се пуши.
Претходно: Дали може да научиш да слушаш музика?