#СакамКласика

Дали може да се научи да слушаш музика?

Се разбира дека нема потреба да знаеш што е тоа „канон" или „арпеџо" за некое парче музика да те погоди право в срце. Но што ако има начин некој да ти го анализира нота по нота, а сепак да не ти го расипе, туку напротив да направи уште повеќе да го цениш?

Book of the Month Club (Клуб на книга на месецот), кој под ова име постоел до 2014, бил американски сервис за нарачка на книги oснован 1926, кој на членовите им нудел различни „пакети", попусти и по една нова книга месечно испратена на домашна адреса. Но освен книги, фирмата продавала и плочи со класична музика, при што секоја од нив била придружена со помал винил, под наслов „Албум за ценење на музиката" (Music Appreciation Record). На таа помала плоча познат музичар го коментирал класичното дело, така за да им го приближи на слушателите.

На една од нив славниот композитор, диригент и пијанист Леонард Бернштајн детално, нота по нота, и фраза по фраза, ја анализира симфонијата бр. 4 во Е-мол, оп. 98 на Брамс. „Современиците на Брамс го нарекувале напумпан медиокритет, некој којшто се обидува да создаде нешто од ништо" - ја почнува приказната за композиторот за кого дури и Чајковски во своите дневници запишал дека е неиновативен и досаден. Но во следните триесет минути Бернштајн, како вешт адвокат успева да докаже, не само дека Брамс бил закон, туку и дека ако знаеш како да слушаш (читаш, гледаш..) тогаш и подобро можеш да ја процениш вредноста на некое дело, па оттаму и повеќе да уживаш во него.

Она што плени во анализата е што таа успева во исто време да биде и дидактичка, но не и попувачка, терминолошки прецизна но не напувана, аргументирана но не и арогантна. Неговата главна теза е - најважно за едно симфониско дело е развојот на главната мелодија, која мора да остане отворена, за слушателот да не претпостави однапред како ќе се развива музичката приказна. Сите асоцијации на книжевноста (или филмот) се логични, а Бернштајн и самиот обилно ги користи - исто како што писателот во секој изговорен збор на својот лик гледа можност за негово развивање, така и композиторот во различните мелодии и фрази гледа „ликови", кои влегуваат во некакви односи, па дури и конфликти, кои се разрешуваат на крајот од делото.

Притоа, најважен лик е главната тема, која е како херојот во бајките - таа треба да мине низ сито и решето, да биде конструирана, па деконструирана, свирена однапред, па одназад, во различни тоналитети и ритми, за на крај повторно да ја слушнеме иста онаква каква што ни била најавена на почетокот, но сега гордо извишена над сите останати, откако ги победила во замислената битка и минала низ сопствената катарза.

Со ова Бернштајн ни ја разоткрива не само внатрешната архитектура на ова конкретно дело, туку и структурата на која и да е симфонија, која според неговото механицистичко (или фрактално?) толкување, функционира како „тркало внатре тркало".

И после сето ова, имаме само едно прашање - колкумина наставници по музичко, професори по пијано или виолина, се подготвени на своите ученици на ваков начин да им ја приближат музиката, како врвен хедонизам, кого подлабокото познавање на работите не само што не го расипува, туку уште повеќе го облагородува? Ние не сме ја имале таа среќа да имаме таков професор, но затоа е тука Бернштајн.

Изведбата на делото под диригентство на Бернштајн со Виенската филхармонија (игонирајте го кашлањето во 6:57 минута)

Неговата анализа:

3 февруари 2015 - 09:00