Доилка (wet nurse) била жена која доела и се грижела за туѓи деца, во случаи кога биолошката мајка ќе починела, не можела да дои или избирала да не го дои бебето. Во Македонија и во поширокиот балкански регион овој обичај е познат, при што доилката станува „помајка“ на детето, а нејзините деца стануваат побратими односно посестрими со него. Ова сродство се смета за толку силно, што овие деца не смеат да стапуваат во брак меѓусебно.
Ваквиот тип на доење бил прилично застапен во светот до измислувањето на вештачкото млеко во 20 век. Некои жени од високите класи бирале да не дојат бидејќи тоа се сметало за „примитивно“, нешто со што вистинската дама не требало да се занимава. Доењето не само што би ги спречило да ги носат модерните облеки од нивно време (често со истакнато деколте и прилично стегнати гради), туку би им ги свиснале градите и би влијаело генерално врз нивната фигура.
Но и жените од пониските класи биле под притисок да се откажат од доењето, затоа што било поевтино да се најми доилка отколку некој друг кој би се грижел за земјоделските и другите работи низ куќа, или би работел вон неа. Понекогаш доилката со месеци живеела во куќата на бебето, каков што бил случајот со писателката Џејн Остин, но можела да биде и најмена за неколку часа во текот на денот.
Оваа пракса се протега низ повеќе историски периоди и култури. Во древен Египет, Маја била доилка на кралот Тутанкамон, а Ситре Ин на Хатшепсут. Тие не биле членови на кралското семејство, но биле почестени со погребување во кралската некропола во Долината на кралевите, и се меѓу ретките имиња кои останале впишани во историјата а немаат врска со владеење или некоја интелектуална дејност. Во виетнамската семејна структура постои име за ваквата доилка кое во превод значи „мајка“, а во исламот постои високо кодифициран систем на млечно сродство познат како „рада“. Британскиот крал Џорџ Трети, кој се родил два месеца предвреме, имал доилка со која бил поврзан целиот живот, па нејзината ќерка ја поставил како главна перачка во кралското семејство.
Ваквиот тип на задојување е се уште актуелен во некои земји во развој, но и во останатите повремено добива на актуелност. Таков беше млечниот скандал во Кина од 2008, кога контаминирано вештачко млеко затру речиси 300.000 бебиња, по што побарувачката и цената на доилките драматично порасна.
Но низ историјата имало и примери кога мајките биле плаќани за да си ги дојат сопствените деца. Во кралството Арагон, на пример, мајката добивала ваков надомест ако била вдовица со ограничени ресурси. Доколку таткото односно сопругот почувствувал дека му доаѓа крајот тој можел да состави тестамент со кој сопругата се прогласува за наследник на неговиот имот, но под услов да го дои и да се грижи за најмалото дете во тек на одреден период.
Уште една категорија жени била плаќана да дои а тоа биле немажени жени во долготрајна и општествено прифатена „конкубинска“ врска. Извесна Менција де ла Енестоза била во врска со кројач кога родила девојче во 1418. Врската завршила кога бебето имало шест месеци, па мајката потпишала договор со таткото со кој се обврзала да дои уште една година, и да не дои друго дете истовремено, во замена за малку мебел, сирење и леб, храна што се сметала за идеална за производство на млеко.