Минатата недела Брус Спрингстин требаше да настапи во Северна Каролина но го откажа концертот како протест против претходно усвоениот закон во таа држава наречен HB2, со кој се нарушуваат правата на ЛГБТ заедницата. Во соопштението објавено на неговиот официјален сајт Брус напиша:
„Ова е обид на луѓето кои не можат да го поднесат прогресот кој нашата земја го прави со признавање на човечките права на сите наши граѓани да го уназадат тој процес. Во моментов има голем број групи, бизниси и поединци во Северна Каролина кои работат за надминување на ваквиот негативен развој на настаните. Земајќи го предвид сето ова, чувствувам дека е време јас и мојот бенд да покажеме солидарност со борците за слобода".
По него и Брајан Адамс откажа настап во Билокси, заради новиот закон на Мисисипи наречен „закон за религиски слободи", кои им овозможува на фирмите да одбијат давање услуги на истополови парови. На линија на протест, и тоа не само заради авторски права, е и практиката музичарите да бараат од одреден политичар да престане да ги користи нивните песни на јавни настани, бидејќи тие не сакаат да бидат поистоветувани со идеологијата што се промовира.
Откажувањето концерт само по себе тешко дека би можело да доведе до политичка промена. Ниту еден музичар, па макар тој бил и Брус, не е доволно моќен за такво нешто. Славните музичари се всушност дел од јавниот притисок, додавајќи тежина на напорите на активистите. Сепак, чисто финансиски гледано, економскиот ефект од откажувањето е прилично голем. Салата Гринсборо кадешто требаше да настапи Спрингстин процени дека ќе загуби 100,000 долари, а луѓето коишто требале хонорарно да работат таа вечер не заработиле од настанот. Оттаму, една забелешка на ваквите бојкоти е дека тие можат да имаат контра-ефект токму кај фановите на одреден музичар, и тие од „за" да се преобратат во „против" каузата.
Така, групата наречена NC (North Carolina) Needs You бара друг вид на помош наместо бојкот:
„Не го откажувајте концертот заради дискриминаторските политики на неколкумина глупи законодавци и заради нашиот гувернер. Наместо тоа, одржете ги настаните. Искористете ја сцената како платформа да го соопштите својот став. И донирајте нешто - или уште подобро целиот профит на непрофитните организации, лоби групите и сите оние коишто работат на теренот на ова прашање"
За оние уметници кои сепак ќе се одлучат за бојкот ова секако претставува медиумски ризик. Конзервативците веднаш побрзаа да забележат дека Брајан Адамс го откажува концертот во Мисисипи веднаш откако настапил во Египет, општество со многу поригидни родови норми. По откажувањето на Брус во Гринзборо, еден пратеник на конзервативците изјавил: „Добро де, имаме и други музичари кои наскоро ќе ни свират - Деф Лепард, Џастин Бибер. Никогаш не сум го сакал Бибер, ама можеби ќе му одам".
Повеќе од откажување на само еден концерт, познат е ставот на Роџер Вотерс од Пинк Флојд кој води цело движење за бојкот на Израел заради неговите политики кон Палестина. Вотерс смета дека тој дејствува во духот на уметниците кои на времето го бојкотирале апартхејдот во Јужна Африка, движење кое исто така содржи тензии помеѓу поттикот за бојкот и оној за активизам.
Така, во 1985 Пол Сајмон заминал за Јужна Африка за да го сними „Грејсленд" на кој свиреле и голем број јужноафрикански музичари. Албумот претставувал нарушување на бојкотот на ОН, кој подразбирал дека ниту еден уметник не требало да работи или да ги претставува неговите дела сè додека таму владее расна сегрегација. Џабе Сајмон се обидувал да објасни дека уметноста треба да обединува и на тој начин да ги испраќа политичките пораки, тој и неговите соработници набргу морале да се вратат во Њујорк. Сепак, денес овој негов албум се зема како пример на ангажираност.
И некако логично е да ја завршиме статијава со музика, и тоа Били Холидеј и една од химните на голем број протестни движења - „Стрејнџ фрут“