Кога мразот бил луксуз и милионски бизнис

„Жнеачите“ на мраз добро заработувале сечејќи цели блокови од езера и други слатки води, а меѓународната индустрија за преработка на мраз била бизнис кој ветува. Сè до појавата на фрижидерите.

Во свет пред фрижидери, пред парчето мраз да биде достапно на копче или од комората за длабоко, тоа било луксуз. Пијачка со мраз (и тоа од вода која е здрава за пиење) била знак на богатство и престиж, а индустријата која го обработувала мразот била мултимилионски бизнис. 

Еден од најдобрите примери за тоа како се променила индустријата на производство на мраз пред и по масовното воведување на фрижидерите е Норвешка. Како природен извор на мраз, земјата во еден момент извезувала еден милиони тони годишно. Сепак, американскиот пазар доминирал и повеќекратно го надминувал ова количество.

На својот врв во 19 век, околу 90.000 луѓе и 25.000 коњи биле вклучени во трговијата со природен мраз во Северна Америка. Всушност, побарувачката во Лондон за американскиот мраз била толку голема, што езерото Опегард во Норвешка било преименувано во Венам Лејк (по езеро во Масачусетс) за овој мраз да биде конкурентен со увозот на американскиот во Англија. До 1856, оној од САД бил испраќан на сите четири страни на светот, вклучително во Јужна Америка, југо-источна Азија, Персискиот залив и најголемиот пазар - Индија. 

САД имал три епицентри за замрзната вода: Њујорк, Бостон и Чикаго. Овој монопол не би бил можен без армијата „мразожетвари“ или секачи - момчиња и мажи кои со огромни пили го сечеле природно формираниот мраз во езерата и реките. Најпрвин тоа се правело рачно, а потоа со еден вид остро „рало“ влечено од коњ, кое ем било поефикасно ем го сечело мразот во истоветни облици. Канадските секачи користеле поинаква техника. Тие најпрвин го чистеле мразот од напаѓаниот снег а потоа го сечеле со рака со голема пила прикачена на санка. Истото го правеле и на Гренланд. За ова бил потребен поголем тим од дури 10-12 луѓе. 

Сето ова покажува колку напорна била целата работа. И не само тоа - била многу опасна. Луѓето и коњите биле под постојана закана мразот да пукне и да се удават или да бидат потиснати од големите парчиња мраз кога овие биле подготвувани за превоз. Освен тоа, на одредени локации имало многу ограничен период кога можел да се собира мразот а тоа да не биде животозагрозувачки - понекогаш само десетина дена. За ова работниците добивале четири и пол долари дневно. 

И сето ова до измислувањето на фрижидерите, кога индустријата и трговијата со мраз речиси и да згаснала. Денес се сведува на купување мраз во ќеси само ако имате некоја забава по дома, за која можете и да си купите брза машина за негова подготовка. Како што феноменот на глобалното загревање нè носи подалеку од можноста за природно добиен мраз, излегува дека единствената шанса да испиете замрзната маргарита е да генерирате повеќе топлина. 

извор

6 август 2023 - 10:06