Пролетта 1938, мексиканските медиуми известиле за опасноста која го демне Фројд во тогаш веќе нацистичка Австрија - Гестапо влегол во неговиот стан на Берггасе 19, и на кратко ја упасил неговата ќерка Ана. Самиот Фројд, кој претходно одбивал секаква помисла за емиграција, се одлучил да ја напушти Виена, но малку задоцнил со одлуката затоа што добивањето излезна виза станало речиси невозможна мисија за австриските Евреи. Фројд би останал во Виена да не била група моќни пријатели кои започнале ангажирана дипломатска камапања во негова корист. Вилијам Булит, американскиот амбасадор во Франција; Ернест Џонс, кој лобирал кај британските членови на парламентот; принцезата Мари Бонапарт која била во директен контакт со претседателот Рузвелт, итн.
Во Мексико пак, претседателот Лазаро Карденас, еден од најпопуларните водачи во историјата на 20 век, ја претворил својата земја во засолниште за прогонувани интелектуалци. По падот на Шпанската република, тој им понудил политички азил на илјадници бегалци, по што во Мексико масовно избегале уметници, поети, професори и филозофи кои подоцна одиграле суштинска улога во поствоената култура на оваа земја. Во свет кој бил под закана од подемот на фашизмот, Карденас ги отворил портите на нацијата за социјалисти и патници од секаков вид. Лео Троцки ја прифатил поканата и се населил во Мексико Сити во 1937. Го следеле импресивна низа космополити-бегалци од Шпанија, Франција, Германија, Австрија и голем број други земји.
Откако весниците јавиле за ситуацијата на Фројд, група активисти покренале кампања за професорот да биде донесен во Мексико. Локалниот огранок на организацијата Меѓународна црвена помош му испратил телеграма на Карденас (фото горе), молејќи го да му понуди азил на Фројд, кого го опишале како „најголемиот истражувач на различните манифестации на духот, кој ги уништува предрасудите и гради основа за нов универзален морал“. По ова следеле уште пет телеграми од различни организации на истата тема. Необично е, но сите тие доаѓале од синдикати, и тоа синдикати на графички работници, на наставници, на рудари, на преработувачи на шеќерна трска итн.
За жал, планот за носење на Фројд во Мексико не успеал. Едуардо Хеј, министерот за надворешни работи на Мексико, одговорил на телеграмата испратена од Меѓународната црвена помош, велејќи дека претседателот веќе имал упатено општо повик за австриските политички бегалци, и дека е најдобро Фројд да побара азил во мексиканската амбасада, по што неговата апликација би била препратена до министерството за внатрешни.
Што ќе се случело доколку Фројд навистина се преселел во Мексико? Тој најверојатно ќе се сместел во Којокан, тивка населба во јужниот дел на Мексико Сити која станала дом на бројни уметници и интелектуалци. Можеби заради симболиката ќе изберел да живее на улицата Кале Виена, само неколку метри оддалечен од Троцки и од куќата на Фрида Кало. Сигурно би имал и свеж дотур на нови пациенти - на пример Октавио Паз или Диего Ривиера. Можеби и самиот претседател, човек познат по огромната интелектуална љубопитност, би дошол на консултации. По смртта, телото на Фројд би било зкопано со голема помпа во Ротундата на славните. Куќата на Фројд потоа би била раководена од властите на Мексико сити, а туристите во еден наврат би можеле да ги посетат куќите на Кало, Троцки и Фројд.
За жал, професорот никогаш не ја пополнил апликацијата за азил во Мексиканската амбасада во Австрија.
(Од книгата на Рубен Гало, „Фројдовото Мексико: во дивините на психоанализата“, 2015)