Една од најважните новини на раниот 20-ти век во САД била можноста за испраќање на поголеми пакети низ земјата. Во текот на претходниот век веќе се појавиле приватни компании за достава, а од нив извесна Парсел Пост успевала да стигне и до најзабутаните американски села. Кога почнала официјално да работи, на 1 јануари 1913, тоа за милиони Американци значело можност да добијат претходно недостапни стоки и услуги. Една од нив - пренесување низ земјата на сопствените деца!
Само неколку недели по почетокот на работата на Парсел Пост, Џеси и Матилда Бигл, брачен пар од Охајо, го испратиле по пошта нивниот 8-месечен син Џејмс до неговата баба, која живеела на неколку километри оддалеченост, во Батавија. Според историчарката на поштатата на САД, Џени Линч, тежината на бебето била таман на граница на 5 килограми, колку што било ограничувањето на тежината на пакетите, а неговата испорака чинела 15 центи (иако родителите дополнително платиле 50 долари за осигурување).
Оваа приказна набргу се раширила по весниците, па и други родители дошле на слична идеја. Во еден познат случај на 19 февруари 1914 четиригодишно девојче по име Шарлот Меј Пирсторф било испратено со воз од Ајдахо до нејзините баба и дедо на повеќе од сто километри оддалеченост. Нејзината приказна станала толку позната што според неа е направена детска книга, „Испраќањето по пошта на Меј" (Мејлинг Меј).
Една од причините зошто ова било правено е што поштенска пратка била поевтина отколку карта за воз, а освен тоа се случувало поштенски службеник да ја придружува „пратката“, што на родителите им давало извесна сигурност.
Ова траело до 14 јуни 1920, кога неколку американски весници ја пренеле официјалната објава на поштата, дека деца не смеат веќе да бидат испраќани на овој начин. Всушност, ова само било признание за востановена пракса која и претходно не била дозволена - децата имено биле испраќани по тарифи за кокошки и други ситни животни, кои поштата почнала да ги пренесува во 1918. Во 1913, кога се појавиле првите случаи на испраќање деца како пакет, единствените „животни" кои биле дозволени како поштенски пратки биле - пчели.