Книжевниот Колбер

Последниве неколку недели Колбер и неговите фанови ги минаа потсетувајќи на најдоброто од неговото шоу. Она за што помалку се зборува кога се прави ретроспектива на неговото медиумско влијание е начинот на кој ги промовираше писателите и читањето воопшто.

„Најголем промотор на книжевноста во поп-културата" е еден од епитетите со кои се опишува досегашната кариера на Колбер, кој пред неколку денови со епско финале го заврши деветгодишното телевизиско шоу. Негово последно интервју беше со Фил Клеј, добитникот на Националната книжевна награда на САД за 2014, за книга кратки раскази за војната. И не е важно што тој како гостин воопшто не беше „секси" - ниту скандалозен, ниту посебно познат - на Колбер очигледно му беше важно уште еднаш да покаже дека писателите и книгите му се важни.

А тој секако беше важен за нив. Во неговата емисија на неколку пати има правено одлични интервјуа со различни автори, и славни и помалку познати. Но важното е дека секогаш по нивното појавување во шоуто продажбата на нивните книги се зголемила, или пак доколку се работело за дебитанти тие преку ноќ станале познати. И генерално, ако Колбер вели дека читањето е кул, тогаш тоа мора да е така.

Само неколку примери на негови интервјуа во врска со книги и книжевност. Првото е со 83-годишниот Морис Сендак („Кадешто се дивите нешта"), неколку месеци пред неговата смрт. Иако бавен, тој добро се носи со сарказмот на Колбер, па дури и го надополнува. „Што мислам за е-книгите? Тие не можат да бидат иднината. А можеби ќе бидат. Ама јас ќе бидам мртов. И ич не ми чуе".

 

Со Тони Морисон, за расизмот и како изгледа цел живот да те викаат „афро-американска писателка". Меѓу другото и немилосрдна забелешка околу возраста на којашто почнала да пишува: „Го напишавте вашиот прв роман на 39. Дали тоа значи дека целата ваша кариера е една средовечна криза?"

 

Сепак најдобро ни е ова интервју со писателот Џорџ Саундерс, по повод излегувањето на неговата тогаш нова збирка „Десети декември", кое покажува како глупи прашања („Зошто пишуваш кратко кога Америка сака долго?") може да поттикне убав муабет за разликата помеѓу долгата и кратка проза и течењето на времето во книжевноста.

22 декември 2014 - 08:23