Греотка

Книги кои никому не му се потребни

Во галеријата Art In General во Њујорк во тек е изложба на книги кои никогаш не биле позајмени од библиотеката на Центарот за фикција, невладина организација во САД која е посветена на промовирањето на белетристиката.

Уметничката Мерич Алгјун Рингборг (Meriç Algün Ringborg), која живее во Стокхолм, изложила повеќе од илјада „неконзумирани" наслови, за да го постави прашањето кои теми во одреден историски момент се во тренд или посакувани, а кои се одбегнувани или се маргинализираат.

Зошто овие книги никогаш не биле 'одбрани' тоа не можеме да го знаеме со сигурност, но нивната судбина ни кажува нешто за „пукнатините" во историјата, која ги има проголтано. Со самото тоа што никогаш не излегле од библиотеката, тие како и никогаш да не постоеле.

И покрај тоа што додека стоеле на полиците на библиотеката, или во нејзините магацини, тие никогаш не предизвикале интерес, поставени во новиот контекст, на железни полици среде галеријата, тие одеднаш стануваат куриозитет - луѓето ги прелистуваат обидувајќи се да сфатат зошто никој не ги прочитал претходно.

„И мојата прва изложба со книги од Јавната библиотека во Стокхолм, а и оваа, се занимаваат со бирократското каталогизирање на светот. Тоа што се работи за книги ми даде можност да изложам архивирани предмети кои постојат во физичка форма, но чија содржина останала неискористена", изјавила Рингборг.

Ако имате куп непрочитани книги ова е добра идеја како да се соочите со нив, и можеби на крај да ги конзумирате, со што ќе им помогнете да ја остварат целта на нивното постоење - издвоите ги, и направете си камерна изложба од нив. Можеби тогаш ќе ве заинтересираат.

14 март 2013 - 17:18